За иднината на Европа на Денот на Европа

Мај 09, 2022

naum.lokoski

Осврти

0

  • Резултатите од Конференцијата за иднината на Европа –

Централниот настан на овогодишниот Ден на Европа е промоцијата на резултатите од Конференцијата за иднината на Европа. Нацрт-предлозите, кои ги усвои Конференцијата на пленарна седница се веќе објавени. Се работи за околу 300 предлози на педесетина страни. Систематизирани се во девет поднаслови, според работните групи кои работеа во текот на Конференцијата. Сенка на завршетокот на Конференцијата фрли нејзиното напуштање од страна на претставниците на две десни пратенички групи во Европскиот парламент (кои вкупно бројат 129 од 705 европратници).

Мнозинството политички струи и граѓаните кои учествуваа во Конференцијата очигледно се за „повеќе ЕУ“, зашто предлозите одат кон подлабока интеграција. Особено внимание предизвикуваат препораките за формирање „здружени вооружени сили“, право на Европскиот парламент да предлага закони, како и повеќе инвестиции за ублажување на климатските промени. Врз содржината на предлозите видлив печат ставија последните кризи – онаа предизвикана од Пандемијата со КОВИД-19, како и онаа предизвикана со руската агресија на Украина. Тоа се огледа во предлозите за поголеми надлежности во здравството, како и за забрзана енергетската транзиција. За да се остварат главните препораки, неопходна е промена на основачките договори на Унијата, а тоа значи – подлабока внатрешна реформа.

Клучното прашање е како институциите на ЕУ понатаму ќе ги проследат предлозите од Конференцијата. Европскиот парламент веќе ги „поттурнува“  другите институции со својата Резолуција усвоена на 4 мај 2022 година. Во неа Европарламентот ги повикува другите институциите на ЕУ да ги проследат предлозите на Конференцијата „на конструктивен и амбициозен начин“. Уште поконкретно, домот на граѓаните на ЕУ повикува веднаш да започне постапката за измена на основачките договори. Меѓутоа, тоа воопшто нема да биде лесно, имајќи ги предвид разликите во ставовите на државите членки за некои од клучните прашања,    зашто на крајот на краиштата, сите сегашни членки треба да се согласат за промените. Досега вообичаено се постигнуваше компромис по долги и мачни преговори, кои обично се окончуваа во раните утрински часови, но и тоа ќе биде исклучително тешко со 27 земји-членки. Оттаму, се смета на повеќе лидерство и на повисок степен на амбиција на институциите на ЕУ.

Еден од „најреволуционерните“ предлози е оној за укинување на националното вето. Во конечните препораки на Конференцијата се предлага воведување на квалификувано мнозинство за сѐ, освен за две прашања: приемот на нови членки и промената на основните принципи на кои за заснова ЕУ,  утврдени во членот 2 на Договорот за ЕУ (којшто вообичаено го цитираме  кога говориме за вредностите на Унијата). Оттаму, надежите во регионот дека рампата за проширување ќе се спушти и ќе се оневозможат едностраните вета засега се распрскуваат. Конкретната формулација, пак, на ставот за проширувањето (инаку последна во соодветното поглавје), останува на ниво на постојните декларации:  „Да се понуди веродостојна перспектива за земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство за да се негува мирот и стабилноста во Европа и да се обезбеди просперитет за милиони Европејци“.  Кога ќе се разгледаат и конечните препораки од соодветната група „ЕУ во светот“ јасно е дека амбициите за проширување не се високи и дека дефинитивно се врзуваат со претходна институционална реформа, односно промена на основачките договори на ЕУ. Неучеството на Западниот Балкан во Конференцијата за иднината на Европа, на што остро реагираа особено граѓанските организации од регионот, веќе беше индикатор за начинот на кој ќе се третира проширувањето.

Меѓутоа, она што честопати го занемаруваме е какво влијание ќе има промената на  другите политики на ЕУ – внатрешните и особено оние кон трети земји врз нас. Предлозите во овој поглед се далеку поамбициозни – не само во поглед на зајакнување на условеноста со  демократијата и владеењето на правото, туку и значајни барања за регулирање на трговските односи и водедување нови механизми, пред сѐ насочени кон намалување на „увоз на загадување“ во ЕУ.

 

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.