Дебата на ЕПИ и ИДСЦС: Македонија треба да се воздржи од отпочнување преговори со ЕУ по секоја цена
Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) денеска во Јавна соба го презентираа документот Бугарското вето на македонските евроинтеграции: какво јаболко може да загризе Македонија?
Документот го презентираа претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски и директорката на ЕПИ Симонида Кацарска.
Трошановски истакна дека целта на документот е да го изостри фокусот во јавноста дека зад флоскулата „за идентитетот не се преговара“, може да произлезат многу опасни решенија. Тој смета дека Македонија треба да се воздржи од тоа по секоја цена да започне преговори со ЕУ.
„Мораме да разговараме за конкретни политики или решенија кои се нарекуваат црвени линии и да видиме до каде е спремна Северна Македонија да оди во овој исклучително важен процес и усогласување на преговарачката рамка со ЕУ. Треба да се обидеме да ја заштитиме довербата од нагризување, за да не ни се случи иднина во која што нашето општество ќе живее во агонија, популизам, меѓуетнички и интра етнички тензии. Таков преговарачки процес на земјата не и треба. Повикување спорот да се реши билатерално е нешто што е апсолутно неприфатливо, тоа е ставање на работите под тепих. Потребен ни е легитимитет на процесот, широка политичка и граѓанска поддршка. Самата ЕУ е во процесот на трансформација, се качуваме во возило кое што нема шофер, не знаеме кон каква Унија се стремиме да станеме дел, рече Трошановски кој ја повика Владата да престане да молчи на оваа тема.
Кацарска истакна дека преговарачката рамка е клучниот документ кој што ќе стане дел од нашето пристапување, ќе биде дел од основното право на ЕУ, ќе покаже каква членка ќе бидеме ние за 10-15 години и како правно ќе го регулираме тој однос.
„Многу е важен овој момент, под какви услови ќе договориме дека ќе преговараме во следниот период и под кои услови ќе станеме членка. Од францускиот предлог во моментов може да заклучиме дека дел од решенијата се премногу застапени во пристапниот процес. Нам ни е потребен механизам со кој ќе превенираме отворање на нови прашања, а не документ кој ќе биде искористен како аргумент за отворање дополнителни барања. Но, не смееме да престанеме да разговараме со Бугарија, тие ни се сосед. Решението мора да има широка поддршка во македонското општество, а и во бугарското“, додаде Кацарска.
На панел дискусијата се обратија Катерина Колозова, Директорка на Институтот за општествени хуманистички науки, Никола Димитров, поранешен Вицепремиер задолжен за ЕУ прашања и Министер за надворешни работи и нерезидентен фелоу на IWM во Виена и Марјан Ѓорчев, Претседател на Македонското Пан-европско граѓанско движење.
Колозова потенцираше дека клучно е градењето на доверба односно соработка помеѓу поединци.
„Нашите препораки e да нема историска комисија, да се премести се на решение кое што политички ќе биде прилично неоптоварено односно неутрално. Проблемот е проблем на културен конфликт, ние немаме проблем на апстрактна академска дискусија. Сите знаеме дека таа историја ја афектира нашата перцепција за идентитет, а таа перцепција е културна категорија. Исто така треба да има самокритика односно да има интелектуалци кои попрво својата страна ќе ја критикуваат отколку другата“, смета Колозова која додаде дека треба да се суспензираат декларациите кои што усвоија двата парламенти.
Додека го живееме македонскиот живот, а копнееме кон европска иднина, треба да го зачуваме нашето достоинство, смета Ѓорчев.
„Затоа овој предлог треба да биде одбиен бидејќи тој подразбира промена на европските вредности. Мораме да бидеме истрајни, искрени и одговорни пред нашиот народ. Што ќе ни е Унијата ако не сме Македонци во неа. Не можеме да бидеме пријатели ако не не почитуваат како нација и не ни го почитуваат јазикот, а за се друго може да се договараме. Македонија не е спремна веќе за отстапки, сакаме да бидеме дел од Унијата но не по цена на омаловажување и дискриминирање“, вели тој.
Димитров истакна дека колку повеќе има уцена во односите толку повеќе ќе се зголемува антагонизмот и отпорот за да можеме навистина да разговараме како општества за маките што ги имаме.
„Ние шест месеци испраќаме погрешни сигнали кои што повеќе се на линија на успех по секоја цена. Македонско-бугарското прашање нема да се реши ако нашата влада ветува амандман на Устав за кој што нема обезбедено 2/3 мнозинство во парламентот. Прашањето е како стигнавме од став „Уставот да се промени на крајот на процесот пред зачленувањето“, до ветување на усвојување на амандман. Како тоа ние ќе вклучиме бугарската заедница во нашата преамбула, а истата држава што тоа го бара од нас, не го признава нашето право на самоопределување. Она што ќе се случи во реалноста е дека ние ќе заглавиме ама гајлето нема да биде на ЕУ и на регионот, гајлето ќе биде наше“, вели Димитров кој додаде дека целиот процес на проширување е во голема криза и кога еден ден кога ќе влеземе таа Унија нема да е истата од сега.