Медијацијата нуди полесен и побрз пристап до правдата, но потребна е поголема промоција и информирање
Приватниот сектор, но и јавната администрација не се доволно запознаени со предностите на медијацијата, покажуваат резултатите од спроведеното истражување од страна на Институтот за европска политика (ЕПИ).
На денешната дискусија „Со медијација кон подобрување на правото за пристап до правда“ беа презентирани клучниот наоди од спроведеното истражување со претставници на јавната администрација, како и приватниот сектор со големи, мали и средни компании.
Истражувањето покажа дека претставниците од јавната администрација кои се запознаени со концептот на медијација во земјава, не се доволно запознаени со позитивните страни од истата. Ситуацијата е поинаква кај приватниот сектор, кои побрзо би се одлучиле за решавање на спорови со медијација.
Ова истражување ќе послужи за конкретизирање на активностите за уште поголема промоција на медијацијата во земјава. ЕПИ како носител на проектот „Медијација, без дилема!“ во наредниот период ќе се фокусира на информирање и едукација на целните групи од јавниот сектор и бизнис заедницата, како и на населението во целина.
На денешната дискусија државната советничка во Министерството за правда Радица Лазареска Геровска и медијаторката Гордана Богеска, заедно со учесниците дебатираа и за тоа како медијацијата може да го подобри правото за пристап до правда.
Настанот се одржа по повод одбележувањето на Европскиот ден на правдата (25 октомври), а беше организиран во рамките на проектот „Медијација, без дилема!“, кој Институтот за европска политика (ЕПИ)- Скопје го спроведува во соработка со Академија за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев’’, Комора на медијатори на Република Северна Македонија и Холандска федерација на медијатори. Проектот е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.