Напредок во клучните области, слабости во капацитетот за координација на пристапниот процес и ЕУ средствата

Авторка: Симонида Кацарска

Пакетот за проширувањето на ЕУ од 6 октомври 2020 година е специфичен од неколку аспекти. Прво, во него Комисијата ја применува новата методологија во пристапниот процес, особено во Стратегијата за проширувањето како редовен документ во кој се сумираат наодите за сите земји во пристапувањето и се даваат насоки за идни чекори. Второ, објавувањето на пакетот во голема мера беше засенето од долго најавуваниот економски инвестициски план кој Комисијата истовремено го објави.

Во Стратегијата за проширувањето за 2020 година Комисијата го применува новиот пристап на групирање на поглавјата по кластери и проценка на сите земји поединечно. Во регионален контекст очигледно е дека Северна Македонија стои добро и е оценета како земја која заедно со Албанија направила најголем напредок во повеќето клучни области поврзани со владеењето на правото. Со оглед на тоа дека го очекуваме усвојувањето на преговарачката рамка и почетокот на преговорите, оваа оценка е исклучително важна да покажеме чисто досие во владеењето на правото како клучна област од кластерот Темели со кој започнуваат преговорите. Напредокот во правосудството и борбата против корупцијата се добро оценети и потребно е во овие области да се одржи напредокот преку имплементација и соодветен мониторинг.

Додека Извештајот за Северна Македонија во реформата на јавната администрација  утврдува напредок, Комисијата ја потенцира на потребата да се применува мерит принципот. Во политичките критериуми и поглавјето 23: правосудство и човекови права најмногу загрижуваат човековите права, каде покрај повторно усвојување на законодавството против дискриминација, потребно е да се адресираат нехуманите услови во затворите кои исклучително загрижуваат.

Добрососедските односи како тема која доминира деновиве во врска со на барањата на Бугарија во контекст на усвојувањето на нашата преговарачка рамка се оценети како добри, при што се потенцира дека земјата треба да ги имплементира договорот од Преспа, како и договорот за добрососедство. Сепак, мора да имаме предвид дека дискусиите за ова прашање се водат во Советот на ЕУ, додека Комисијата ќе биде обврзана од одлуката на земјите членки.

Како и досега, извештајот ја оценува подготвеноста на државата да ги преземе обврските од членство како солидна. Добар напредок е остварен во неколку поглавја кои се исклучително значајни за пристапувањето како што се земјоделство, безбедност на храна, статистика, енергетика и царина. Од друга страна, слабо напредуваме во областа на животна средина, која исто така треба да се сфати сериозно како една од областите кои бараат најдолгорочни интервенции и најголеми инвестиции. Усогласеност со секторското законодавство несомнено е јака страна на нашата држава, но потребно е да се избегне стагнација (како на пример во неколку поглавја од кластерот Внатрешен пазар), односно истата да се одржи и унапреди во критичните области.

Во повеќето поглавја, Комисијата ја потенцира потребата за унапредување на административните капацитети. Во пресрет на преговорите и во контекст на новиот економски и инвестициски план особено загрижуваат оценките за слаб технички капацитет за координација на пристапниот процес, како и капацитетот за координација на ЕУ средствата во поглавјето 22: регионална политика и структурни инструменти. Овие капацитети на администрацијата потребно е итно да се подигнат бидејќи се клучни за напредокот во преговорите, а и за да може да се осигураме дека државата ќе успее да ги искористи средствата кои се ставаат на располагање од страна на Унијата.

Comments are closed.