За врската меѓу Kовид-19 и владеење на правото во ЕУ

Ное 04, 2020

naum.lokoski

Осврти

0

Во јули Европскиот совет зазеде став дека ќе се воведе режим на условеност за да се заштитат средствата од фондот „Нова генерација ЕУ“ за санирање на последиците од Ковид-19, со кој мерките за утврдените прекршувања треба да се усвојуваат со квалификувано мнозинство. Она што громогласно беше најавувано е дека условеноста треба да се однесува на владеењето на правото на државите членки како корисници на овој Фонд. Меѓутоа, токму таа формулација е сѐ уште предмет на преговори. Се дебатира и за правната основа и одржливоста на ваквата условеност.

Се работи за средства во висина од 675 милијарди евра за државите членки на ЕУ за следните 7 години, чии најголеми корисници би биле централно-источните и јужните членки, кои би можеле да примаат меѓу 3-5% од нивните БДП годишно.  Секако дека државите кои се најзасегнати од условеноста на владеењето на правото – а тоа во моментов се Унгарија и Полска – се спротивставуваат на условеноста на владеењето на правото. И не само тоа – туку се закануваат со вето на Повеќегодишната финансиска рамка (седумгодишниот буџет на Унијата). Секако дека се очекува компромис, но не и крај на започнатата дебата.

На почетокот на септември оваа година една парламентарна дебата во држава членка предизвика големо внимание во европската јавност.  Тоа беше дебатата во Холандскиот парламент токму по повод прашањето за условување на користењето средствата од фондот за ЕУ за закрепнување од Ковид-19 со почитување на владеењето на правото. Холандскиот премиер тогаш го поставил прашањето „Може ли да се постигне меѓувладина согласност за буџетот или може ли да се основа ЕУ без Холандија и Полска?“ Колку и да се гледа на оваа дебата како за „внатрешна употреба“, таа беше повод за низа реакции и дискусии внатре во ЕУ, па и препукувањата меѓу лидерите на државите членки.

Едно од прашањата што оваа дебата го наметна е ефективноста на механизмите на владеење на правото внатре во ЕУ. Факт е дека владеењето на правото е една од темелните вредности на ЕУ, гарантирани со членот 2 на Договорот на ЕУ. Меѓутоа, станува проблем као да се заштити владеењето на правото – нешто што некогаш се земаше „здраво за готово“. Се воведе механизам да се суспендира држава членка, односно нејзиниот глас во Советот. Се воведе и механизам за владеење на правото, според кој Европската комисија може да поведе спор пред Судот на правдата на ЕУ. И такви спорови веќе се покренати, а има и пресуди на Судот. Факт е и дека ЕУ воведе редовно следење на владеењето на правото на државите членки. Но, нема механизам за исклучување на држава членка од ЕУ. Државата може да ја напушти ЕУ само доброволно.

Очигледно е дека некои држави членки не се задоволни од ефективноста на овие механизми. И не гледаат зошто би се прелевале нивни средства за други држави кои не ги почитуваат вредностите кои кај нив ги сметаат за несоборливи. Секако дека е значајно и и прашањето на доверба меѓу лидерите на државите членки, кое е во основата на функционирањето на ЕУ. Затоа појавата на такви идеи како што е – „ајде да формираме нова (или ново-стара) ЕУ, без оние што не го почитуваат владеењето на правото“, односно оние што не ги почитуваат нашите „темелни вредности“ не треба да се третира во зоната на политичкиот фолклор.

Отворените дилеми не се примарно правни и се суштествени за иднината на ЕУ.  Може да се очекува дека и натаму ќе се вжештуваат, со секое ново ставање на прашањето на „владеењето на правото“ на масата на ЕУ. Од друга страна, можеби изгледаат нерелевантни за нас, кога грчевито се бориме да ги почнеме преговорите за членство, а условеноста со владеењето на правото е наша реалност. Напротив, многу се релевантни, најмногу затоа што ни покажуваат дека лупата на државите членки само ќе се изострува, а довербата уште потешко ќе се стекнува.

 

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.