Во исчекување на уште еден извештај на Европската комисија
И така, доаѓа време за уште еден Извештај на Европската комисија. Неофицијално, најавено е дека Комисијата ќе го објави Пакетот за проширувањето (чиј дел е извештајот) на 6 октомври 2020 година. Но, може да биде и подоцна.
Пакетот за проширување се состои од Информација (Коминике) на Европската комисија упатена до Европскиот парламент, Советот на ЕУ, Економскиот и социјалниот совет и Советот на регионите и од поединечни извештаи за секоја држава во процесот. Информацијата, која содржи и резимеа на националните извештаи е клучниот документ во кој се резимираат состојбите и се прави осврт на политиката на проширување. Најважен дел на овој документ се кусите заклучоци, кои упатуваат на натамошните чекори во процесот. Околу нив, главно, се води „битката“ во натамошната постапка, зашто таа не завршува со објавувањето на извештајот. Она што следува е разгледувањето на Пакетот од државите членки – во Советот на ЕУ, по што се донесуваат заклучоците на Советот – во декември односно во јуни (ако пакетот се објавува напролет). Потоа и Европскиот парламент го разгледува Пакетот, што завршува со негови документи – резолуции.
Пакетот за проширување треба да биде годишен. Меѓутоа, изминативе години таа динамика се наруши. Најпрвин, наместо есента 2017 година, извештајот се објави пролетта 2018. Оваа година не беше објавен како што беше најавено, во мај, туку повторно процесот се помести – овојпат за наесен. Колку и да се бараат оправдувања за „проретчувањето“ на овој досега прилично етаблиран механизам на проширувањето, тоа самото по себе укажува на смалениот приоритет на проширувањето за ЕУ.
Во секоја држава најмногу внимание привлекува токму поединечниот извештај за државата. Порано се викаше „Извештај за напредокот “, од 2015 година се вика само „Извештај“. Логиката на промената е, нели, дека може и да не е извештај за напредок, може да има и назадувања. Добра логика, но не му користи многу на имиџот на самиот процес на проширување.
Поединечниот извештај е прилог кон Информацијата, а како вид на документ е „работен документ на Службите на Комисијата“. Составен е според копенхагенските критериуми – политички, економски и усвојување на обврските од членството и дава пресек на состојбите во однос на барањата на acquis, како и меѓународните стандарди. Од 2018 година, Комисијата ја прилагоди структурата на извештаите за да се спроведе принципот „најпрвин темелите“, така што поглавјата 23 и 24 се поместија напред – веднаш по политичките критериуми. И не е само што се поместени напред, туку се многу подетални.
Содржината, пак, на извештаите е резултат на систематски процес на набљудување, во кој покрај наодите на службите на делегациите на ЕК во државите, наоѓаат место и наодите на амбасадите на државите членки, како и меѓународните организации. Меѓутоа, основните извори за Извештајот се главно домашни, и затоа извонредно значаен е дијалогот и консултациите со домашните чинители. Оттаму, честопати се вели дека Извештајот си го пишуваме самите. Сепак, крајната оценка останува онаа на Комисијата.
Набрзо по објавувањето ќе можеме да излеземе со оценки од извештајот, дури и изразени во бројки. Тоа го овоможува начинот на оценување на Комисијата со воедначени фрази за секое поглавје односно подрачје. Се оценуваат два аспекти: напредокот од минатиот извештај и нивото на подготвеност. Нивото на подготвеност се оценува во споредба со барањата за членство. Последниве години извештаите се поконзистентни и во поглед на препораките кои се истакнати заедно со оценките, на почетокот на секое поглавје.
Иако последниве години извештаите не ја добиваат онаа гласност која ја имаа изминатите години – веројатно затоа што веќе многу извештаи дочекавме и изанализиравме, останувајќи со ист статус, можно е тие повторно да добијат поголемо значење. Според новата методологија за проширувањето, меѓувладините конференции на преговорите за пристапување би требало да се одржуваат по објавувањето на извештајот. Покрај оценка за постигнатото, на овие конференции би требало да се испланира годината што претстои, вклучувајќи и отворање и затворање на поглавја /кластери и можни корективни мерки. Но, најпрвин да го дочекаме и изанализираме и овој извештај, па да одиме понатаму. И да се надеваме дека истовремено ќе биде објавен и долгонајавуваниот економски и инвестициски план на Европската комисија за Западниот Балкан.
Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика