Коментар на ЕПИ за заклучоците на Советот на ЕУ за Македонија и Албанија
Донесувањето на заклучоците за земјите кои се во процесот на проширување не беше лесна задача за Бугарското претседателство, особено имајќи предвид дека заклучоци за проширувањето не беа усвоени од страна на Советот од крајот на 2015 година. Клучната дискусија се одвиваше околу Република Македонија и Република Албанија и нивниот статус. Исходот, како што вообичаено е случај со одлучувањето во Советот на ЕУ, е резултат на ‘пазарење’ помеѓу земјите членки на ЕУ, при што постоеше јасен блок на поддржувачи, меѓу кои беше Германија на едната страна и на другата страна скептици, како што се Франција и Холандија. Очекувањата од земјите кандидати се често повисоки од она што Советот на ЕУ може да го утврди како заедничка позиција, а овој пат тоа беше особено јасно поради инсистирањето на Франција дека дел од овие значајни прашања не може да бидат предмет на одлучување пред изборите за Европскиот парламент закажани за 2019 година.
Заклучокот ја остава вратата на ЕУ отворена и дава можност за почнување на преговорите во втората половина на следната година за Македонија и Албанија, условено со напредок во реформите, кои во случајот на Албанија се потешки. Условите содржани во заклучоците не се нови, ниту изненадувачки и се однесуваат на областите во кои во секој случај треба да работат сите чинители во земјата, а пред се Владата. До средина на следната година треба да покажеме напредок во имплементацијата на реформите во судството, безбедносните служби и јавната администрација, како области во кои Владата ги започна реформите со Планот 3-6-9.
Сепак, ако гледаме од 2009 година, ова се првите заклучоци во кои се разгледува почеток на преговори во јуни 2019 година со индикативен датум и меѓувладина конференција на крајот на 2019 година, што досега не беше случај. Меѓутоа, нема дилема дека овој заклучок не го валоризира доволно исчекорот направен во решавањето на спорот со името, кој несомнено беше признаен од Европската комисија и дел од земјите членки, како адут на Македонија. Со тешкиот компромис за името и целосно новиот пристап кон соседите, Република Македонија за прв пат претвори „непријател“ во сојузник пред Европската Унија.
Вниманието кое нашата, а и европската јавност го посвети на овој состанок на Советот беше исклучително. Од аспект на проширувањето, Европската комисија ја потврди улогата на двигател на проширувањето, но се истакна и сè поголемиот јаз помеѓу Комисијата и дел од земјите членки во однос на проценките за подготвеноста на кандидатите и нивната неподготвеност за темата проширување, поради проценката дека Унијата прво треба да се справи со внатрешните прашања.
Од ова искуство треба да извлечеме неколку поуки. Првата, секако, е потребата континуирано да работиме со сите земји членки на ЕУ во овој процес, со цел да и помогнеме на Комисијата, а и на самите себеси. Треба да продолжиме да работиме со соседите – земји членки на ЕУ – на меѓусебните односи и заедничкото лобирање во ЕУ – тие ќе ни требаат како сојузници долгорочно.
Следните 12 месеци треба да ги искористиме за да го надокнадиме изгубеното време, со што би добиле предност по отворањето на преговорите. Извештајот од април 2019 година ќе биде последен на овој состав на Комисијата и ќе биде основа за одлуката на Советот во јуни 2019 година. Во него имаме шанса да покажеме напредок во наведените области и да дадеме аргументи за почетокот на преговорите. Мобилизацијата на администрацијата за ваков чекор ќе биде предизвик, но очекуваме и поттик од страна на Европската комисија, која најави подготвителни активности во насока на почеток на преговорите. Треба да ги искористиме искуствата на Србија и Црна Гора од преговорите, кои денес се многу различни. Воедно, ова искуство служи како предупредување дека треба реално да ги проценуваме состојбите во ЕУ – сегашни и во перспектива. Ова е само најава за почеток на еден долг пат, кој треба во голема мерка да го креираме и самите. Неспорно е дека македонската влада покажа лидерство и храброст, но ќе биде потребна истрајност, визија и градење реален капацитет за процесот што е во најава.