Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје има потреба од лице задолжено за комуникации и односи со јавност. Лицето ќе биде задолжено за комуникациските активности на ЕПИ. Позицијата предвидува полно и редовно работно време. Позицијата овозможува можности за личен развој и надградба, компетитивна компензација и динамична работна средина.
Опис на позицијата
- Имплементација на стратегијата за комуникација и застапување, во соработка со раководниот тим.
- Идентификување индикатори за мерење и евалуација на ефикасноста на сите комуникациски активности, во соработка со раководниот тим.
- Редовно следење и запознаеност со развојот на јавните политики во државата и во регионот, во тематските области на Институтот за европска политика.
- Координација на комуникациските активности за ЕУ-финансирани и меѓународни донаторски проекти, вклучително обезбедување усогласеност со барањата за видливост и брендирање на донаторите.
- Одговорност за комуникациите на регионални проекти каде ЕПИ е водечка организација, вклучително координација и усогласување на комуникациските аутпути на партнерски организации во повеќе земји од регионот, надвор од рамките на самата организација.
- Мапирање на чинители и градење и одржување на односи со креатори на политики, граѓанското општество и меѓународни партнери.
- Развивање и имплементација на стратегија за социјални медиуми, усогласена со основната комуникациска стратегија, во соработка со програмскиот персонал.
- Координација и логистика за настани, конференции и конференции за медиуми, физички, хибридни и онлајн, со високопрофилни чинители, вклучително и организирање на јавни консултации и делиберативни процеси.
- Учество на тренинзи, настани и конференции во земјата и странство.
- Развивање и имплементација на план за унапредување и редовно ажурирање на веб страната на организацијата и проектните веб страни.
- Идентификување и адаптирање на најдобри практики и алатки за визуелизација на податоци, веб комуникации, дизајн и социјални медиуми, вклучително и алатки базирани на вештачка интелигенција; континуирано следење на развојот на нови технологии и советување на раководството за нивна интеграција во работата на организацијата.
- Подготовка на комуникациски материјали, соопштенија за медиуми, брифинзи, билтени, годишни извештаи и комуникациски пакети наменети за донатори.
- Следење на медиумското покривање и анализа на комуникациски метрики за да се насочат идните стратегии.
- Подготовка на кратки резимеа и извештаи од настани за интерна и екстерна употреба.
- Извршување на други задачи во согласност со потребите на организацијата.
Потребни квалификации
- Завршени додипломски студии од областа на комуникации, политички науки или друга релевантна област. Работно искуство и/или дополнителни неформални обуки за комуникации ќе бидат земени предвид наместо универзитетска диплома.
- Најмалку 2 до 3 години релевантно работно искуство во комуникации, застапување или сличнa позиција, по можност во меѓународен или донаторски контекст.
- Напредно познавање на MS Office: Word, Excel, PowerPoint (задолжително).
- Докажани вештини за управување со социјални медиуми и алатки за нивна анализа.
- Добро познавање на WordPress или слични платформи, како и алатки за е-мејл комуникација (на пр. Brevo).
- Основни вештини за визуелен дизајн (на пр. Canva, Adobe Express) за подготовка на комуникациски материјали.
- Искуство со алатки базирани на вештачка интелигенција за креирање и анализа на содржини ќе се смета за предност.
- Одлично познавање на македонски и англиски јазик, со високо развиени вештини за пишување и лекторирање на двата јазика. Познавање на албански ќе се смета за предност.
- Запознаеност со политичкиот контекст во државата и регионот, особено во областите на делување на ЕПИ. Искуство со застапување пред различни чинители во процесите на донесување одлуки ќе се смета за предност.
- Одлични меѓучовечки и комуникациски вештини.
- Способност за истовремено управување со повеќе проекти во динамична работна средина.
- Способност за тимска работа и работа во средина во која се почитуваат и промовираат различностите. ЕПИ е работна средина со нула толеранција за ширење на предрасуди, дискриминација и говор на омраза врз основа на род, етничка припадност, религија или верско уверување, сексуална ориентација, полови карактеристики, возраст или која било друга основа за дискриминација.
Документи за пријавување
- CV (на македонски јазик).
Појаснување: Форматот на CV не е важен, но истото задолжително мора да содржи информации за: работно искуство (работна позиција, опис на работни активности, работодавач и датуми), формално образование (полна листа), неформално образование (само од релевантност за огласот), јазици (со задолжителен осврт на ниво на познавање јазиците наведени во делот за “Потребни квалификации” во овој оглас) и компјутерски вештини (со задолжителен осврт на ниво на познавање на програмите наведени во делот за “Потребни квалификации” во овој оглас). Доколку имате публикации или други објавен материјал Ве молиме наведете ги. Во овој дел можете да ставите и интернет врска до профили на социјалните медиуми кои Вие сте ги користеле или одржувале за професионални цели доколку сакате да ги земеме предвид. - Пропратно писмо (на македонски јазик).
Појаснување: Во ова писмо очекуваме да ни кажете зошто сте заинтересирани за оваа позиција и како Вашите квалификации одговараат на позицијата, преку директно поврзување на Вашето досегашно работно искуство и/или образование со квалификациите кои се бараат според овој оглас. Примери од претходно искуство на исполнување на предвидените задачи во овој оглас ќе бидат повеќе од добредојдени. - Пример од Ваш текст.
Појаснување: Пример или извадок од Ваш пишан труд, колумна, статија или комуникациска активност (на македонски или англиски јазик).
Вака подготвената апликација треба да ја пратите по електронска пошта на [email protected] и [email protected] со наслов ЕПИ_лице за комуникации_(датум)_(име и презиме). Ве молиме сите документи да ги испратите во PDF формат. Рокот за пријавување е 5 септември 2026.
Кандидат/к/ите кои ќе ја поминат првата фаза на разгледување на пријавите ќе бидат повикани на тестирање, по што тие што ќе бидат најдобро оценети на тестот ќе бидат повикани на интервју.




