Во споредба со претходниот мониторинг циклус, Северна Македонија постигна напредок во зајакнувањето на транспарентноста и ефикасноста во управувањето со јавните финансии, јавните набавки и државната ревизија, но сè уште постојат значајни предизвици во однос на инклузивноста, имплементацијата и употребливоста на информациите. Иако стратешките рамки ја поддржуваат транспарентноста, учеството на граѓаните во подготовката на буџетот е минимално. Законските одредби дозволуваат јавен придонес во раната фаза на планирање, но реалниот буџетски процес останува затворен за недржавните актери.
Правната и стратешката рамка во областа на јавните набавки е силна и ја нагласува транспарентноста и конкурентноста преку Стратегијата за унапредување на системот на јавни набавки 2022–2026 и Законот за јавни набавки. Централниот портал за јавни набавки е достапен и содржи богати податоци. Сепак, сè уште има недостатоци во имплементацијата. Државниот завод за ревизија покажува силна посветеност на отвореноста и вклучувањето на засегнатите страни. Неговата Комуникациска стратегија 2024–2027 предвидува конкретни мерки за соработка со граѓанското општество, медиумите, Собранието и другите институции. ДЗР активно ги промовира своите наоди преку дигитални канали и медиумска комуникација.