Петти извештај на Европската комисија за владеење на правото, прв со земји кандидатки
Шанса за интеграција преку дијалог
На 24 јули, Европската комисија го објави својот петти по ред Извештај за владеење на правото, кој за прв пат вклучува и неколку земји кандидатки – Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија. Ова беше најавено како дел од мерките за постепена интеграција на земјите кандидатки. За идната година се најавува внесување и на други земји кандидатки.
Овој годишен извештај ја оценува состојбата на владеењето на правото во сите земји-членки на ЕУ и има за цел да ги поддржи земјите кандидатки во нивните реформски напори. За разлика од другите инструменти на владеењето на правото – постапката за прекршување и членот 7 на ДЕУ за суспензија, овој инструмент го користи првенствено дијалогот како метод и е насочен кон подигање на културата на владеење на правото во земјите-членки преку подигнување на свеста.
Не случајно со Извештајот се објавуваат и резултатите од специјалниот Евробарометар за владеење на правото. Ова истражување на јавното мислење во ЕУ, кое за жал, не ги вклучува земјите кандидатки, покажува дека нејзините граѓани високо ги ценат основните вредности на ЕУ – 89% велат дека за нив е важно сите земји-членки на ЕУ да ги почитуваат основните вредности на ЕУ, вклучувајќи ги основните права, владеењето на правото и демократијата. Значајно е што 72% од Европејците сметаат дека ЕУ игра важна улога во помагањето да се одржи владеењето на правото во нивната земја.
Владеењето на правото е нагласено како суштинско за демократските вредности, индивидуалните права и општествениот и економскиот развој, особено во контекст на различните општествени предизвици и геополитичките тензии.
Како и претходните години, извештајот се фокусира на четири главни столбови:
- Правосудни системи
- Антикорупциски рамки
- Слобода и плурализам на медиумите
- Институционални прашања поврзани со кочници и рамнотежа.
Според зборовите на потпретседателката на ЕК за вредности и транспарентност Вера Јурова, има напредок, но има и застој, па дури и назадување во некои држави и некои подрачја.
Големи се разликите меѓу државите членки, доколку се суди според ниво на спроведувањето на препораките од минатата година, што е најевидентниот мерлив критериум. Европската комисија нагласува дека е постапено по 68% од препораките од 2023 година (65% претходната година). Меѓутоа, ваквиот процент дава прилично позитивна слика, ако се има предвид дека Комисијата сите оценки освен „нема напредок“ и „нема натамошен напредок“, ги смета за постапување. Такви оценки се: „одреден напредок“, „напредок“, „одреден натамошен напредок“, „значителен напредок“ и „целосно реализирана“.
За разлика од земјите-членки, за земјите кандидатки не се дадени препораки, што значи дека идната година нема да може да биде дадена ни оценка за нивното спроведување. Ова значително ја намалува споредливоста со земјите-членки, но и укажува на простор за унапредување на „постепената интеграција“.
Оценки за Северна Македонија
За македонските власти, но и пошироко, за сите релевантни субјекти, е исклучително значајно да ги препознаат пораките на овој Извештај, кој се објавува само три месеци пред редовниот годишен извештај за земјата и непосредно по изборот на новата Влада. Иако не се можни големи резултати, многу е значајно во која насока ќе се одвиваат активностите, но и квалитетот на дијалогот – внатрешен и со ЕУ.
Во оваа првична анализа се концентрираме на неколку клучни точки, и тоа главно на понагласените и новите елементи во овој извештај во однос на Годишниот извештај од ноември 2023 година.
Извештајот нуди низа аргументи и докази во поткрепа на оценката дека „независноста на правосудството и неговиот институционален капацитет и натаму се предмет на сериозна загриженост“. Извештајот ги констатира преземените мерки во врска со претходно оценетите загрижувачки состојби на Судскиот совет. Главното предупредување е во однос на најавеното од страна на новата Влада „распуштање“ на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители: тоа (со право) предизвикува „сериозна загриженост“ зашто би ја поткопало независноста на судството.
Инаку, на позитивната страна се донесувањето на Развојната секторска стратегија за судството и Акцискиот план, формирањето на Совет за реформи, Акцискиот план за спроведување на препораките од Мисијата ТАИЕКС за Судскиот совет, како и мерките за подобрување на транспарентноста преземени од претседателките на Врховниот суд и Судскиот совет.
Загрижува и нагласениот тренд на намалувањето на ефикасноста на судството – нешто што беше негова силна страна последниве години. Очигледно дека хроничниот недостаток на финансиски и човечки ресурси си го зема својот данок.
Се забележува значително заостанување во имплементацијата на Националната стратегија за борба против корупцијата, а особено критички е освртот на минатогодишните измени на Кривичниот законик. Поради фактот што опстојуваат високите ризици за корупцијата, особено во секторот на јавни набавки и вработувања во јавниот сектор, Извештајот констатира дека „Недостига систематски пристап во справувањето со корупцијата за решавање на заедничките именители на факторите на ризик“. За жал, не можеме да препознаеме нови сигнали кои би воделе кон решавање на „заедничките именители“, веќе идентификувани во Извештајот од скринингот, како на пример „силно политичко влијание во јавниот сектор; ниска стапка на санкционирање на коруптивно однесување; неконзистентни прописи; ниско ниво на спроведување на мерките за интегритет; недоволна транспарентност, систем за надзор и контролни механизми во јавниот сектор“.
Повторени се предизвиците во однос на транспарентноста на сопственоста на медиумите. Извештајот изразува загриженост во врска со повторното воведување на рекламирањето во медиумите финансирано од државата, повикувајќи се на предупредувањата од националните субјекти за можно нарушување на медиумскиот плурализам, како и за политичка злоупотреба на финансиските средства. Покрај тоа, иако се зајакнати законските гаранции за заштита на новинарите, сепак забележани се закани и случаи на вербално и физичко насилство врз новинарите и медиумските работници.
Во однос на системот на кочници и рамнотежа, треба многу сериозно да се земат предвид експлицитните критики за употребата на скратената постапка, како и за нискиот квалитет во системот на креирање политики, кој треба да биде инклузивен и заснован на докази. Граѓанските организации работат во општо овозможувачка средина, но опстојуваат негативните констатации за спроведувњето на Стратегијата и Акцискиот план, како нефункционирањето на Советот за соработка со граѓанските организации. Еден од индикаторите во Извештајот е бројот и постапувањето по т.н. „водечки пресуди“ на Европскиот суд за човекови права, кој е зголемен на 17 на 1 јули годинава. Предмет на критика се и недостатокот на ресурси и непостапувањето по препораките на Народниот правобранител.
Главни предизвици за новата влада се како ќе одговори на негативните трендови и како ќе реагира на „сериозната загриженост“. Од неа се очекува, да ги продолжи, односно да ги унапреди и да ги поттикне позитивните трендови, а да преземе добро осмислени и ефикасни мерки за да ги прекине негативните трендови. И, секако – тоа да го направи низ процес на дијалог, врз основа на аргументи.
Дидие Рејндерс, комесарот за правда, при објавувањето на Извештајот истакна дека петте години на Извештајот на ЕУ покажале дека дијалогот може да помогне за да се постигне значителен напредок. Затоа изрази уверување дека Извештајот и натаму ќе биде повод за иницирање дебати на национално ниво и ќе помага да се поттикнат националните реформски агенди.
Нам ни останува да изразиме исто такво уверување за „новодојденците“ во Извештајот – земјите кандидатки.