Блупринт група: Реакција по повод измените на Кривичниот законик во скратена постапка
Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост во однос на предлог законот за измени на Кривичниот законик по скратена постапка, што кон крајот на август 2023 Владата на РСМ го поднесе до Собранието на РСМ.
Предлозите за кои реагираме се однесуваат на казните на неколку кривични дела, односно за значително намалените казни за различните облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ со намалување на казната од најмалку 3 години затвор на казна од 1 до 4 години затвор, како и членот 394 „Злосторничко здружување“ со намалување на казната до 10 години на казна до 3 години. Како Блупринт група сметаме за потребно да посочиме дека последиците што можат да настанат од вакви интервенции во законот ќе бидат погубни во борбата против организираниот криминал и корупцијата и ќе ја зголемат и така големата неказнивост за сторителите на овие дела.
Во достапните материјали во однос на предлогот, се наведува потреба од усогласување на КЗ со меѓународни стандарди и посебно со актите на ЕУ. Меѓутоа, во предлог текстот на законот, не е воопшто наведено зошто се намалуваат казните и кои се стандардите поради кои се предлага намалувањето. Од достапните коресподентни табели во кои е даден преглед на релевантните документи на ЕУ со кои прописот се усогласува, не се спомнати и оценети двете спорни одредби. Дополнително, во предлог текстот на законот како образложение е наведено дека постојат ургентни прашања, кои се појавиле во меѓувреме. За нив се смета дека е целисходно да бидат регулирани за пократок период, бидејќи во секој случај веќе подолг временски период се изработува нов КЗ, што е окарактеризиран како обемен и сложен процес. Кои се овие ургентни прашања не е познато.
Како Блупринт група на граѓански организации која со свој претставник учествува во работната група за изработка на нов Кривичен законик, не се согласуваме со ваквиот пристап, да заедно со измени кои неспорно се неопходни и потребни (на пример воведувањето нови кривични дела против животната средина) да поминат незабележани решенија кои уште повеќе ќе ја намалат довербата на граѓаните во правосудството. Овие предлози ниту се предложени, ниту дискутирани на работната група за изработка на нов Кривичен законик.
Сакаме да истакнеме и дека во 2018 година во постапка за усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција беше извршено намалување на казните за определени кривични дела со што се овозможи во дел од предметите иницирани од СЈО да се изречат помали казни, вклучително и условни осуди, како на пример во предметот „Труст“. Дел од граѓанските организации и во тој период јавно реагираа и бараа предлогот да биде повлечен од собраниска процедура, меѓутоа тоа не се случи, а веднаш по донесувањето на конкретните измени истите имаа веќе ефективно влијание во гореспоменатиот предмет.
Последиците доколку овие предлози се донесат како закон ќе бидат особено погубни за борбата против криминалот и корупцијата. Покрај праќањето порака дека ова дело не е помалку општетствено штетно од претходно (што се прави со намалувањето на казната) тоа ќе има влијание и преку намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност. Ова од причина што, пресметувањето на роковите за застареност е директно поврзано и зависи од видот и висината на пропишаната казна за одделно кривично дело, без разлика дали станува збор за застареност на кривичното гонење или пак на извршувањето на казната. Следствено на ова, предложените измени во Кривичниот законик неспорно ќе имаат влијание и врз судбината на судските постапки иницирани од страна на Специјалното јавно обвинителство, а кај кои што постои опасност од настапување на апсолутна застареност, односно предметите со работен наслов: Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија. Исто така би сакале да потенцираме дека одделението за организиран криминал и корупција и останатите кривични оддели имаат речиси идентична казнена политика по однос на изрекувањето на санкции иако во одделението за организиран криминал и корупција тежината на кривичните дела е значително поголема со оглед на видот на истите. Во таа насока, нејасна е потребата од дополнително намалување на санкциите за овие дела, имајќи предвид дека и со сегашните предвидени казни за овој вид дела, се изрекуваат значително ниски казни.
Уставот на РСМ иако забранува ретроактивна примена на прописи, прави исклучок доколку подоцнежниот пропис е поповолен за граѓаните. Со други зборови лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат непосредна корист и ќе избегнат кривична одговорност. Со оваа политика ќе се зголеми недовербата на граѓаните бидејќи ефектот од истата е уште поголема неказнивост на сторителите на кривичните дела кои засегаат во сферата на јавниот интерес (корупција, организиран криминал итн).
За крај, не помалку важно, доколку овие измени бидат направени, а како што впрочем и самиот Кривичен законик предвидува, покрај остварувањето на правдата, постоењето на казненоправниот систем има за цел и превенција, што значи дека со казнувањето треба да се овозможи и остварување на специјална и генерална превенција. Со ваквото намалување на пропишаните казни, а имајќи ја предвид исклучително тешката и сериозна моменталната состојба во државата во поглед на справувањето со организираниот криминал и корупцијата, навистина е дискутабилно дали во иднина ќе може да се постигне во прв план специјалната, а потоа секако и генералната превенција. Дотолку повеќе што, остварувањето на превентивната цел со казнувањето, било да станува збор за едниот или другиот вид на превенција, првенствено зависи од видот и висината на пропишаната казна, односно нејзината пропорционалност со тежината на стореното кривично дело.
Бараме од пратениците во Собранието на РСМ да се впуштат во подлабинско елаборирање на потребата од ваквата измена пред да пристапат кон понатамошниот процес. Ја повикуваме и експертската јавност да се произнесе за овие предлог измени и за евентуалните последици кои истите би ги имале во пракса.
Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
Институт за европска политика (ЕПИ)
Институт за човекови права (ИЧП)
Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
Хелсиншки комитет за човекови права
Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)