Форум Еуропеум 2023: ЕУ не е само надворешна политичка цел, туку домашна политика

И во време на Солунскиот самит пред 20 години и денес, домашните реформи се начинот на кој земјите од Западен Балкан може да си помогнат на патот кон Европската Унија, бидејќи членството во ЕУ не е само надворешна политичка цел, туку е и домашна политика, беше истакнато на Форум Еуропеум 2023 – 20 години по Солинскиот самит: Патот пред нас.

 

Говорниците на настанот истакнаа дека многу е направено во овие 20 години, дека се отворени можности за многу држави, но дека политичките нестабилности, како во земјите од регионот, така и во земјите-членки и самата ЕУ придонесоа кон забавување на процесите и т.н. замореност од реформи. Одложувањата и пречките на патот кон ЕУ го насочува фокусот од реформите и интеграцијата на други теми и земјите од регионот стануваат плодна почва за национализам.

Заклучено беше дека земјите од Западен Балкан не очекуваат помалку од ветеното пред 20 години во Солун, односно полноправно членство во ЕУ, без никакви замени и модификации. Но потребна е и одржливост и догледност на европската интеграција, за граѓаните и владите да знаат дека има датум за членство, кој не мора да биде прецизно определен, но треба да се знае дека постои.

 

Руската агресија врз Украина го засили процесот на пристапување кон ЕУ на Молдавија, Украина и Грузија, а говорниците на Форум Еуропеум порачаа дека треба да се засилат врските меѓу земјите од Западен Балкан и овие држави, со цел да се најдат заеднички точки на интерес и да се засили притисокот врз ЕУ за проширувањето.

 

Форум Еуропеум 2023 година беше отворен од директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска, заедно со амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

За тоа што постигнавме во изминатите 20 години по Солун дискутираа Радмила Шекеринска, потпретседателката на Партијата на европските социјалисти и поранешна функционерка, Милица Увалиќ од Универзитетот во Перуџа од Италија и Срѓан Мајсторовиќ од Центарот за европска политика од Белград. На вториот панел кој беше посветен на тоа што ни претстои и ја отвори дебатата за предлози за реформирање на процесот на пристапување дискутираа Јана Јузова од Институтот Еуропеум од Прага, Денис Ценуша експерт од Центарот за источноевропски студии од Литванија и програмски директор во Ескперт-Груп од Молдавија, како и Јелена Џанкиќ од Институтот на Европски универзитет од Фиренца во Италија.

 

Форум Еуропеум 2023 – 20 години по Солинскиот самит: Патот пред нас е годишна конференција на ЕПИ, која оваа година имаше цел да направи преглед на тековните случувања и да се разгледаат актуелните предлози за реформирање на механизмите на процесот на пристапување, како и на пошироката европска архитектура која ги обединува засегнатите страни од Балканот и источните кандидатки за членство во Унијата.

 

Конференцијата беше организирана во рамките на проектот „Градиме мостови за заедничка иднина: Владеењето на правото во насока на пристапувањето во ЕУ“, кој е финансиран од Европската Унија и има цел да помогне во креирањето на одржливи реформи за владеење на правото во насока на пристапувањето во Европската Унија.

Comments are closed.