Граѓаните од Полошкиот регион дискутираа за новите геополитички случувања и нивното влијание врз Северна Македонија

Граѓаните од Полошкиот регион денес на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово дискутираа за последните геополитички случувања и нивното влијание врз Северна Македонија во рамките на проектот „Поттикнување анализа на политики и јавна дебата“ имплементиран од ЕПИ и поддржан од НЕД.

 

Според нив претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе за земјава да се покаже како важен учесник во случувањата во светот, а истовремено ќе придонесе и за зголемување на безбедноста во земјава. Граѓаните имаа позитивен став и за Договорот за стратешко партнерство со САД, кој очекуваат да помогне за развој на економијата, но и за користење на нови технологии.

 

Учесниците на дискусијата кажаа дека граѓаните се погодени од енергетската и економската криза, па поради тоа се потребни меѓународните фактори.

 

По дискусијата граѓаните смислија прашања кои на вториот дел од настанот беа поставени на министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети.

 

Тие порачаа дека Северна Македонија треба да ја искористи шансата и променетите геополитички позиции во Европа за да оствари побрзо членство во Европската Унија, а со тоа и да ја развива трговија и економијата заедно со нашите партнери од ЕУ.

 

Стратешкото партнерство со САД го оценија како гаранција за стабилност и просперитет и нагласија дека секој поголем успех на државата во изминативе 30 години го има печатот на САД или ЕУ.

 

Оваа дискусија беше прва во рамките на проектот „Поттикнување анализа на политики и јавна дебата“ кој Институтот за европска политика – ЕПИ го реализира со поддршка на Националната фондација за демократија од САД. Дискусијата во Тетово, заедно со останатите дебатни настани кои ќе се организираат во други градови, ќе биде основа за организирање на Националната дебатна анкета во 2024 година.

Comments are closed.