Извештај во сенка за Поглавје 23 за периодот октомври 2021 – септември 2022
Овој извештај во сенка ги обединува во единствена кохерентна целина сите наоди, заклучоци и препораки што произлегоа од следењето на областите содржани во Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Ова е седми ваков извештај што го објaвува Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, земајќи ги предвид коментарите и мислењата на невладините организации.
Извештајот го опфаќа периодот од почетокот на октомври 2021 година, заклучно со крајот на септември 2022 година. Во извештајот се прикажани податоци што се релевантни и пред октомври 2021 година, доколку тие биле потребни за контекстуализација или за појаснување на новините од тековниот извештаен период, а кои се релевантни за извештајниот период. Периодот на опфат на извештајот соодветствува на извештајниот период на Европската комисија (ЕК) за Република Северна Македонија. Овој нацрт-извештај ја следи структурата на Поглавјето 23, согласно извештајот на ЕК. На крајот на секоја област во рамка се издвоени препораките и главните заклучоци.
Во текот на извештајниот период државата ги почна пристапните преговори со Европската унија, по симнување на бугарската блокада и прифаќањето на „францускиот предлог“ со донесувањето на преговарачката рамка. Последователно, на 27 септември 2022 година, во Брисел се одржа објаснувачкиот состанок за Поглавје 23 „Правосудство и темелни права“, со кој се заокружи објаснувачкиот скрининг за првиот кластер, „Темели“. Билатералниот скрининг на Поглавјето 23 се одржа на први и втори декември 2022 година, кога Северна Македонија ги презентираше степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони, плановите за понатамошно усогласување, градењето на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ-ресурси за спроведување на европските стандарди. Во следниот период потребно ќе биде преземање на видливи активностите што ќе дадат мерливи резултати.