Национална дебата за изборните реформи во Северна Македонија: Изборните реформи низ призма на граѓанските перцепции
Слободни и фер избори се камен-темелник на едно демократско општество во кое соодветно се застапени и се земени предвид интересите на граѓаните. Од своето осамостојување до денес, Северна Македонија има поминато низ повеќе циклуси на изборни реформи, но обично тие се спроведувале во пресрет на изборите, со што биле ограничени времето и просторот за инклузивна, транспарентна, јавна дебата. Со цел да се премости јазот создаден од фрагментираниот и неинклузивен дијалог за изборни реформи, во текот на мај и јуни 2022 година Институтот за европска политика спроведе Национална дебата за изборните реформи за да ги појасни можните исходи од измените во изборниот модел што беа предмет на дискусија меѓу политичките партии и чинителите во земјата.
Националната дебата беше организирана согласно методот на дебатна анкета (Deliberative Polling) развиен од Центарот за делиберативна демократија од универзитетот „Стенфорд“. Дебатната анкета е уникатна форма на политички консултации што ги комбинира техниките на истражување на јавното мислење и јавната расправа, при што се испитува мислењето на учесниците на одредена тема пред дијалогот и по него со експерти и политичари. Промените во ставовите пред дебатата и по неа ги одразуваат преференциите на граѓаните во случај кога тие би имале можност повеќе да се запознаат со темата. Главна цел на Националната дебата беше да се зголеми вклученоста на граѓаните во претстојната реформа на изборниот систем преку инклузивен, објективен дијалог со релевантни експерти и носители на одлуки.
Основната анкета беше спроведена во мај и вклучуваше истовремено прашања што се однесуваа како на знаењето, така и на ставовите/размислувањата. Пред одржувањето на настанот, на учесниците им беа обезбедени балансирани информативни материјали, проверени од релевантни експерти, со цел обезбедување на непристрасни и објективни информации што послужија како основа во дискусиите со експертите и политичарите. По завршувањето на настанот, на учесниците им беше дадена истата анкета со цел да се увидат промените во нивната перцепција за темите што беа предмет на дебата. Резултатите од двете анкети беа анализирани со помош на ANOVA – анализата на варијанса заради проверка за присуство на статистички значајни разлики во ставовите на граѓаните пред дебатниот настан и по него.
Иако има многу аспекти на изборните системи и различни изборни модели низ светот, со оглед на временското ограничување, Националната дебата за изборните реформи се фокусираше на парламентарните избори, опфаќајќи четири теми: (1) бројот на изборни единици, (2) видовите листи на кандидати за пратеници, (3) гласањето во странство, и (4) регистрација на гласачите. Првата тема опфати две можни реформски сценарија – целата територија на државата да биде една изборна единица или, пак, да се задржи статус кво ситуацијата, односно државата да остане поделена на шест изборни единици. Втората тема ги опфати сценаријата за отворени или затворени кандидатски листи за пратеници. Третата тема опфаќаше три сценарија: статус кво, односно граѓаните кои живеат во странство да гласаат и да избираат до три пратеника, граѓаните кои живеат во странство да гласаат и да избираат еден пратеник и граѓаните кои живеат во странство воопшто да не гласаат. Последната тема опфати две сценарија: активно и пасивно регистрирање на гласачите.