Граѓаните дискутираат и прашуваат: Изборниот систем и реформите во изборниот процес во Северна Македонија

Каков треба да биде изборниот систем во земјава и кои реформи во изборниот процес се потребни? Ова се темите на кои 150 граѓани од сите осум плански региони во Северна Македонија викендов ќе дискутираат и ќе поставуваат прашања на релевантните општествени чинители.

 

Институтот за европска политика ја организира третата Дебатна анкета во земјава во соработка со Универзитетот Стенфорд од САД. Дебатната анкета е уникатна форма на политички консултации која ги комбинира техниките на испитување на јавното мислење и јавната расправа.

 

Таа цели да претстави како би изгледало јавното мислење на одредена тема, доколку граѓаните би имале можност повеќе да се запознаат со темата. Дебатната анкета ги прикажува преференците и мислењата на граѓаните и пред и по детално запознавање со темата.

 

Пред одржување на дебатниот настан, беше спроведена основна анкета на репрезентативен примерок 1200 испитаници од целата држава во април и мај 2022 година. На дебатниот настан, кој ќе се одржи на 4 и 5 јуни, 140 од тие испитаници поделени во 11 групи меѓусебно ќе се информираат и подучуваат за изборниот систем и реформите во изборниот процес. Потоа, секоја од групите ќе поставуваа прашања на панел од експерти и политичари од целиот спектар, со цел да изградат информирани и непристрасни ставови.

 

Дебатната анкета ги мери резултатите, но и промените во ставовите на граѓаните пред и по дебатниот настан.

 

Дебатата е дел од проектот „АКТ – Активна граѓанска акција 2.0“ кој го спроведува ЕПИ, а е поддржан од National Endowment for Democracy.

Comments are closed.