Сериозно сфаќање на одговорностите во врска со правото на образование
Како едно економско, социјално и политичко право, главната цел на правото на образование е да го промовира личниот раст и развој на поединецот, како и способноста тој/таа да се прилагоди на општеството. Додека глобалната концептуална рамка за правото на образование како човеково право е воспоставена според меѓународното право за човекови права и е уредно ратификувана од Северна Македонија, сепак остануваат значајни предизвици на национално ниво. Европската унија има развиено насоки во рамките на Повелбата за основните права со кои образованието се признава како човеково право (член 14, Поглавје II Слободи), кои Северна Македонија како земја кандидат треба да ги почитува. Сепак, Европската комисија објави јасни предизвици во врска со имплементацијата и почитувањето на правото на образование во Северна Македонија, чиешто решавање е одамна задоцнето.
Овој документ за политики ја следи концептуалната структура на „4А“ за правото на образование – приспособливост, достапност, пристапност и прифатливост и ги препознава клучните прашања каде што државата не успеала да ги исполни своите обврски кои се однесуваат на ова човеково право. Тоа покажува дека владата не го имплементирала правото на образование во целост, според четирите А, вклучително и постојаните предизвици како што се распространетата дискриминација, недостатокот на ресурси и широкиот размер на партизација. Кога се зборува за образовниот систем во Северна Македонија, секогаш треба да се има предвид дека таа е мултикултурна земја. Сепак, нејзиниот образовен систем не се справува добро со практиките на дискриминација и сегрегација. Не се вложуваат доволно ресурси за градење на безбедна и здрава средина за учење за сите деца. Ова прашање започнува од недостигот на основни материјали како учебници, па сè до целата инфраструктура на соодветни објекти и нивна поправка. Поголем дел од училиштата не ги исполнуваат основните услови за безбедна средина, со што младите се изложени на (можна) опасност. Секое од горенаведените прашања е поврзано со прашањето на политичката репресија и важноста на придобивките на самите политички елити во реформските процеси, а не со интервенции кои би можеле да доведат до постигнување повисоки стандарди на настава и безбедност.
Овој документ за политики дава препораки како да се справуваме со овие предизвици. Иако се препознава дека суштински предизвик остануваат реформите на политичките елити за што ќе бидат потребни многу сложени и долгорочни процеси кои не се вклучени во овој документ, сепак може да се направат помали чекори во насока на исполнување на 4А во образованието, кои можат да доведат до исполнување на обврската на државата за правото на образование. Образованието треба да биде клучот за обезбедување цврста основа за благосостојба и искористување на целосниот потенцијал на секој поединец, а со тоа и на општеството како целина. Потребно е да се направат повеќе заложби во приоритизирањето и унапредувањето на образованието. На сите деца треба да им се обезбедат основните услови за нивните фундаментални права. За дискриминацијата и сегрегацијата во образованието, особено кон децата Роми и децата со пречки во развојот, треба сериозно да се постапува.