Извештај од втората годишна анкета за мерење на задоволството на корисниците на судовите

Анализата на задоволството на учесниците во судските постапки е дел од проектот и има цел да го измери задоволството на странките во судските постапки, како и ефектите од реформите на правосудството. Анализата се спроведуваше преку анкета на повеќе целни групи во две последователни години, во 2019 и 2020 година, со цел да се измери колку странките кои учествуваат во споровите го зголемиле или го намалиле своето задоволство од работата на судовите и функционирањето на правосудниот систем.

Предмет на истражување се довербата во правосудните институции, ефикасноста, односот на учесниците во судските постапки, стручноста и професионалноста на судиите и јавните обвинители и квалитетот на судската постапка. Испитаниците исто така ги оценуваа и ефектите од спроведување на реформите во правосудството, предвидени во Стратегијата за реформи во правосудството за периодот 2017-2022 година.

Од анкетата може да се заклучи дека реформата дава резултати и на сите полиња се забележени подобрувања. Мислењето на судиите и јавните обвинители е слично и дека е подобрен квалитетот, побрзо се решаваат споровите, се работи поефикасно и стручноста и професионалноста на сите вклучени во постапките е унапредена, а подобрени се условите за работа и ресурсите со кои располагаат судовите и јавните обвинителства, вклучително и менаџирањето со буџетот, стратешкото планирање и креирањето политики. Исто така, подобрен е и системот на избор, именување и унапредување на судиите и јавните обвинители. За разлика од нив, адвокатите имаат малку поинакво мислење и, генерално, тие сметаат дека нема големи промени во анализираните области, дека има подобрувања, но има и влошување на состојбите.

Согласно наодите од анкетата, се препорачува да се продолжи со имплементација на реформите во сите сегменти.

Comments are closed.