Со виртуелна студиска посета ЕПИ ги поврза македонските и бугарските правници за размена на искуства и предизвици за реформите во правосудството

Судии, правници, претставници од невладиниот сектор и претставници од Министерството за правда во периодот од 14 до 16 јуни одржаа виртуелни состаноци со нивни колеги од Бугарија со цел размена на искуства и препораки за реформите во правосудниот сектор. Состаноците беа организирани од Институтот за европска политика (ЕПИ) во рамките на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“.

 

Оваа виртуелна студиска посета служеше како мост за поврзување помеѓу чинителите во областа на правосудството во двете земји. Освен тоа се укажа и на важноста од учеството на граѓанскиот сектор во реформите во правосудството и во текот на преговорите за членство во Европската Унија.

 

ЕПИ, како организација која подолго време е ангажирана во следењето и давањето предлози за реформите во Поглавје 23 ја организираше оваа студиска посета со цел да ги поврзе македонските и бугарските правници, како од институциите, така и од граѓанскиот сектор, со цел да ја зголеми соработката и споделувањето на искуства.

 

За предизвиците и можностите на реформите во Поглавјето 23 од преговорите за членство во ЕУ, разговараа претставници од Министерството за правда на земја со нивните колеги од Министерството за правда на Бугарија. На овој состанок се разговараше за сличностите и разликите во пристапот кон реформите меѓу двете земји, како и за можна идна соработка со цел пренесување на искуства.

 

На вториот ден од т.н. онлајн студиска посета македонските судии и правници, заедно со нивните колеги од Бугарија разговараа за искуствата и предизвиците од реформите во делот на правосудството во двете држави. На оваа посета беше истакната и потребата за продлабочување на соработката помеѓу македонското Здружение на судии и Унијата на Бугарски судии, како и организирање на идни вакви состаноци. На состанокот беа дискутирани можностите за подобрување на независноста на судството, подобрување и важноста на судскиот буџет за обезбедување на независноста на судството, понатаму се дискутираше и за прилагодувањето на судството за заштита на човекови права во време на пандемијата од КОВИД-19, како и на дигитализацијата на судството и обезбедување на гаранциите од членот 6 на ЕКЧП.

Последниот состанок од студиската посета беше одржан помеѓу претставници од невладиниот сектор и истакнати правници од двете земји. На состанокот предмет на дискусија беа усвоените стратегии во делот на правосудството од страна на надлежните институции и нивната транспарентност, соработка и начинот на кој истите го вклучуваат граѓанското општество во процесите на реформи во судството.

 

Поради пандемијата на коронавирусот студиската посета се одржуваше виртуелно, преку платформата Зум, а сите учесници изразија заодовлство од средбите и најавија можност за средба во живо и продолжување на соработката и размената на искуства.

 

Овие состаноци беа организирани во рамките на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“, кој го спроведуваат Институтот за европска политика и Асоцијацијата ЗЕНИТ, а е финансиран од Европската Унија. Проектот има цел да придонесе за враќање на довербата на граѓаните во македонскиот правосуден сектор преку значително вклучување на граѓанското општество во суштински реформи. Крајни корисници на овој проект се институциите во областа на правосудството.

Comments are closed.