Дебата: Јавните политики се клучни за развојот на државата според граѓаните, а тие немаат доверба во нив

Секоја држава се темели врз државните институции и нивното соодветно функционирање. Јавните политики играат фундаментална улога во сите домени од нејзиниот развој. Граѓаните сметаат дека јавните власти во Република Северна Македонија испорачуваат разочарувачки резултати, а степенот на доверба во нив е низок. Информираноста на граѓаните во врска со функционирањето на институциите е од клучна важност за едно демократско општество.

Дискусијата „Институциите во Северна Македонија: Клучни предизвици на гранките на власт“,  која се одржа на 22 март имаше цел да ги вклучи граѓан(к)ите во дебатна дискусија за запознавањето со гранките на власта; работата и функцијата на главните институции во земјата. Дискусијата беше организирана во формат, така што во првиот дел од дискусијата граѓан(к)ите првин дискутираа меѓусебно за нивните ставови и мислења. Покрај предложените решенија и препораки, тие формираа и прашања за во вториот дел да имаат можност да постават прашања на експертката од областа.

Кога станува збор за довербата во институциите, според мислењето на граѓан(к)ите, таа се наоѓа на донекаде несоодветно ниво. Проценката на работата на трите власти (законодавната, извршната и судската) е на генерално ниско ниво. Во денешно време институциите не се карактеризираат со меѓусебна комуникација и соработка, туку со принуди и негативни влијанија поттикнати од партиски определувања. Парламентот треба да е оној кој ја контролира владата, но во реалност е спротивно. Владата е онаа која ги изготвува сите закони, без претходната соодветна анализа, а парламентот само ги следи нејзините чекори и ги прифаќа нејзините дејности. Покрај парламентот, и судот се наоѓа под капата на владата. Она што се истакнува како релевантно е тоа што вработените во институциите не можат да ги поделат приоритетите, односно ги ставаат нивните потреби пред потребите на општата јавност.

Услугите од институциите се добиваат ретко и на несоодветен начин. Како проблем потенциран во дискусијата е тоа што службите кои ги вршат институциите не се соодветни и сразмерни во однос на она што граѓан(к)ите очекуваат за да им се исполнат. Исто така беше нагласен и делот дека во склоп на јавната администрација, има пренатрупаност на вработени кои земаат плати без да ја извршат работата за која се распределени.

Исто така, на дискусијата се разговараше дека судовите има недоволен број на записници од текот на судењата. Освен тоа, проблем кај судовите се и судиите, на кои им недостасува сериозност врз основа на пристапот кон самата работа. Вината е константно пренесена од еден на друг, без да се преземе соодветна одговорност. Овие пропусти во функционирањето се потенцираа и како причини поради кои граѓан(к)ите немаат доверба во властите.

Во дискусијата како предизвици со кои се соочуваат институциите се истакнаа недостатокот на капацитет, големото присуство на неквалификувани вработени, себичноста врз основа на донесувањето на одлуки како и нивната неспособност да ги исполнат ветувањата. Граѓан(к)ите, особено младите, сметаат дека не се доволно запознаени со можностите преку кои тие може да учествуваат или да пријават незадоволство во функционирањето на институциите. Покрај тоа, сметаат и дека генерално граѓан(к)ите не се доволно запознаени со нивните загарантирани права, како и начините на кои можат да реагираат доколку воочат дека не им се исполнети правата.  Во современиот свет, сите податоци и информации може да се пронајдат на веб страниците, но страната на самата општина, во конкретниот случај општина Тетово, не е функционална. Нефункционалноста на современите начини за информирање ја укажува и неподготвеноста на институциите во модерната ера.

За надминување на дискутираните предизвици, беа дадени и определени препораки. Образованието на младите генерации е од клучна важност, а воведувањето на реформи во образовниот систем се смета како база за понатамошно солидно функционирање и организирање на врховните власти. Покрај тоа, потребно е и реформирање на демократскиот систем, со поголемо учество на граѓаните во реформските процеси. Потребна е и поголема транспарентност во однос на работата на институциите, како и зголемен степен на мониторинг на истата работа за да се избегнат дополнителни компликации. Заклучно, потребно е младите да е изборат за реформи во системот на власта и поголема почит спрема нивните фундаментални права, како што се нивното учество во процесите на донесување одлуки.

Како дел од дискусијата, заедно со 15 учесници од тетовскиот регион од различни возрасти, беше поканета и извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови на Република Македонија, Уранија Пировска која одговараше директно на прашањата на граѓаните во сесијата прашања и одговори. Дискусијата беше модерирана од Арљинда Иљази од организацијата Мултикултура од Тетово.

Настанот беше организиран како дел од проектот „АКТ – Активна граѓанска акција 2.0“, спроведен од Институтот за европска политика – Скопје со поддршка од Центарот за делиберативна демократија од Универзитетот Стенфорд од САД. Проектот е финансиран од National Endowment for Democracy од САД. Оваа дискусија, заедно со уште 4 останати дебатни дискусии со граѓани на различни теми низ целата држава, ќе придонесат за развивање на Национална дебатна анкета која е планирана во 2022 година.

Comments are closed.