За можните последици на можните нови „компромиси“ со Бугарија
Во нашата анализа „Пристапни преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија: можните последици на бугарските услови“ во јуни 2020 година детално ги анализиравме бугарските услови за почеток на преговорите на нашата држава со ЕУ, при што дадовме и препораки – главно насочени кон процесот на усвојување на преговарачката рамка и почетокот на преговорите. Натаму, по извршената споредба на одредбите од Договoрот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија и барањата на Бугарија од Рамковната позиција од октомври 2019 година, дојдовме до заклучок дека бугарските барања се засноваат на нивно еднострано и искривоколчено толкување на овој договор.
Во време на издавање на овој документ, оценките се дека, иако сѐ уште постојат, шансите за одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годинава се многу мали.
Во овој документ се осврнуваме на најактуелните прашања од тековните дискусии за македонските ставови во однос на бугарските барања, имајќи ја предвид и еволуцијата на настаните од објавувањето на споменатиот документ досега. Тоа го чиниме од аспект на последиците врз процесот на пристапување во ЕУ, без навлегување во пошироките гео-политички, надворешно-политички, безбедносни, економски, социјални и други можни последици, за што е неопходна поширока анализа.