Како да се зајакне улогата на синдикатите во заштита на работничките права?

На глобално ниво постои литература што ги тангира современите предизвици со кои се соочуваат синдикатите, но се чини дека во оваа дебата недостигаат иновативни решенија за соочување на синдикатите со современите економски предизвици. Што се однесува, пак, до Република Северна Македонија, ретка е литературата што го дискутира зајакнувањето на македонските синдикати. Односно, политичко-економската дебата е таа што најчесто ги споменува синдикатите, но наместо да нуди решенија за нивно зајакнување или ги гледа како актери во современите дневно-политички збиднувања или, пак, зборува за флексибилизација на работните односи со цел подобрување на продуктивноста на работниците и зајакнување на националната економија.

Во рамките на неолибералната економска дебата, синдикатите се опишуваат како организации што го забавуваат порастот на профитот затоа што се спротивставуваат на економските мерки диктирани од капиталот. Но, ваквата тенденција почнува уште од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век. Тогашните лидери на западниот свет, Маргарет Тачер и Роналд Реган, спроведоа серија мерки со кои почна современата економска либерализација и падот на улогата на синдикатите. Со воведување на овие мерки, синдикатите беа претставени како организации што го кочат развојот затоа што стојат на патот на капиталот и профитот.

Но, историски, синдикатите играат позитивна улога во развојот на економијата и заштитата на работниците. Тие се јавуваат како одговор на миграцијата село/град и трудовата експлоатација што се случува во време на индустриската револуција. Протестите и штрајковите што почнуваат да се појавуваат во новите приватни фабрики се појавуваат како резултат на лошите услови за работа и неиздржливата експлоатација на трудот. Работниците почнуваат да се групираат и да формираат организации за да го заштитат сопствениот интерес со тоа што бараат плати што ќе им обезбедат основна репродукција за работниците и нивните семејства. Таквото спротивставување вродува несогласување помеѓу работниците и сопствениците, а тие социјални несогласувања прераснуваат во водечки конфликт што ја придвижува економијата и денес. Правото на работа, правото на минимална плата, правото на безбедност и здравје при работа, правото на осумчасовен работен ден, се само дел од правата што денес работниците ги уживаат благодарение на синдикатите.

Денес, се чини дека новите економски политики и трудовата миграција само ги комплементираат антисидникалните политики што се појавија во осумдесеттите години на минатиот век. Иако најголемиот број држави сè уште ги вклучуваат синдикатите во социјалниот дијалог, моќта на синдикатите во економското планирање како дополнително да опадна. Во основата, синдикатите во развиените демократски држави се многу помоќни во економското планирање од синдикатите од државите во развој, а сепак и едните и другите се соочуваат со истите современи проблеми. Затоа, прашањето како да се зајакне улогата на синдикатите во заштита на работничките права е повеќеслојно прашање.

За да се одговори на овој предизвик, најпрвин се разгледуваа актуелните дебати за развојот на синдикалните организации. Како репер за овој текст беше земен трудот за Јеле Висер, „Синдикатите во баланс“, објавен на страницата на Меѓународната организација на трудот (МОТ). Овој текст се надоврзува на неговата анализа и се проширува со други автори кои пишуваат на оваа тема. Во основа, сите автори се согласуваат дека синдикатите се сочуваат со четири сценарија: маргинализација, подвојување, замена и ревитализација. Најголемиот предизвик во трудовата литература беше детектиран во дебата за идниот развој и ревитализација на синдикатите. По разгледувањето на актуелните дебати, анализата продолжува со интервјуата на македонските синдикални претставници. За потребите на текстот беа интервјуирани неколку репрезентативни и неколку независни синдикати од јавниот и од приватниот сектор. Прашалникот се состои од 14 прашања од отворен и од затворен тип. На крајот, оваа студија завршува со заклучок што ги споредува светските и македонските синдикални тенденции.

Comments are closed.