Како да се поттикне Собранието да врши зголемен надзор врз борбата против корупцијата во јавните институции?
Корупцијата во јавниот сектор може да биде изразена преку повеќе форми и облици, а нејзините деструктивни реперкусии врз целокупниот социоекономски развој на земјата се далекосежни. Корупцијата е длабоко всадена и во македонското општество, при што се наметнува потребата од сеопфатна административна реформа насочена кон борба против корупцијата.
Борбата против корупцијата е сложен и долготраен процес за кој е потребна цврста политичка волја и посветеност, каде што Собранието има централна улога. Оттука, целта на овој труд е да се најде начин како да се поттикне Собранието во Република Северна Македонија да врши зголемен надзор врз борбата против корупцијата во јавните институции. Во оваа насока, во трудот се дадени конкретни препораки што се однесуваат на зајакнување на системот на управување со јавните финансии и институционалната рамка, со цел подобрување на транспарентноста и зголемување на одговорноста. За споредба, како студија на случај во трудот е презентирана и улогата на Собранието во борбата против корупцијата во Република Австрија, со акцент на административната реформа од 2013 година.
Резултатот од дадените препораки би бил подобра ефикасност, ефективност и економичност во управувањето со јавните финансии, како и зголемен надзор на Собранието врз работењето на јавните институции, а со крајна цел намалување на корупцијата во јавниот сектор.