Извештај во сенка за Поглавје 23 за периодот април 2019 – март 2020 година
Овој извештај во сенка ги обединува во единствена кохерентна целина сите наоди, заклучоци и препораки што произлегоа од следењето на областите содржани во Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Ова е петти ваков извештај што го објaвува Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ), земајќи ги предвид коментарите и мислењата на членките на „Мрежа 23“. Претходните четири извештаи ги покриваа следните периоди: октомври 2014 година – јули 2015 година, јули 2015 година – април 2016 година, мај 2016 година – јануари 2018 година и јуни 2018 година – март 2019 година.
Извештајот го опфаќа периодот од почетокот на април 2019 година, заклучно со крајот на март 2020 година. Во извештајот се прикажани податоци што се релевантни и пред април 2019 година, доколку тие биле потребни за контекстуализација или за појаснување на новините од тековниот извештаен период. Периодот на опфат на извештајот соодветствува на извештајниот период на Европската комисија (ЕК) за Република Северна Македонија (РСМ, Северна Македонија). Овој извештај ја следи структурата на Поглавјето 23, согласно извештајот на ЕК. На крајот на секоја област во рамка ги издвоивме препораките и главните заклучоци.
Во текот на извештајниот период, на Европскиот самит во октомври 2019 година, покрај вложените реформски напори и преземените тешки чекори, вклучувајќи го и постигнатиот т.н. Преспански договор и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, РСМ не доби датум за почеток на пристапни преговори. Иако не со истиот интензитет како пред Европскиот самит, државата продолжи со работа на реформите согласно со заклучоците на Советот. Во март 2020 година ЕК објави Ажуриран извештај за земјава, во кој беа поздравени реформите во делот на правосудството, но беше наведено дека, меѓу другото, потребно е државата да се фокусира на правосудните реформи, водењето на проактивни истраги, гонења и конечни пресуди за случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво. Што се однесува на правосудните реформи, значајни законодавни чекори се преземени за зајакнување на независноста на правосудството. Во овој поглед, РСМ ја засили имплементацијата на реформите предвидени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и акциониот план, имплементирајќи ги „Итните реформски приоритети“, препораките од Венецијанската комисија и од Групата на високи експерти за системско владеење на правото. Сепак, во извештајот е нотирано дека врвен приоритет е следењето на реформите, за што има и отворен дијалог со ЕК и другите партнери за да се обезбеди квалитет на донесените стратегии и на законодавството. Собранието на РСМ се распушти во февруари 2020 година заради организирање на предвремени парламентарни избори. Меѓутоа, поради пандемијата со вирусот Ковид-19, претседателот на државата на 18 март 2020 година донесе одлука за прогласување на вонредна состојба на територијата на целата држава. Согласно член 126 од Уставот, во време на вонредна состојба, Владата донесува уредби со законска сила.
Новото централно независно тело со надлежност за борба и спречување корупција – Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) – беше особено активна. Во моментов, покрај активна ДКСК, РСМ има и ревидирана правна рамка за спречување корупција и судир на интереси, како и за надлежностите на ДКСК. Извештајов укажува и на потребата за зголемување на буџетот и ресурсите со кои располага ДКСК, со цел непречено и ефикасно спроведување на нејзините надлежности.
Правната рамка во поглед на одредени ранливи категории на граѓани беше унапредена, но остануваат да се допрецизираат одредени недоследности во законските решенија на Законот за социјална заштита и Законот за основно образование. Во извештајниот период, и покрај двата обида, не се изврши избор на членови во Комисијата за заштита и спречување од дискриминација, што ги остави граѓаните без овој механизам за заштита од дискриминација. Делата од омраза, а особено говорот на омраза, се во големи размери присутни, за што е потребна проактивна превенција и едукација на населението за опасностите предизвикани од овие појави. Жените во извештајниот период беа цел на напади и навреди од страна на политичари, новинари и други лица. Дополнително, ЛГБТИ+ заедницата и Ромите остануваат најранливи категории врз кои позначајно е присутна и интерсекциската дискриминација. Потребно е унапредување на напорите за спроведување на пресудите на ЕСЧП и превенирање на таканаречените повторувачки случаи што од земјава доаѓаат до Судот во Стразбур. Министерството за правда во извештајниот период ги унапреди условите во затворите и ја унапреди правната рамка во поглед на заштита на личните податоци. Слободата на изразување останува предизвик; новинарки и новинари сè уште пријавуваат закани и притисоци, додека оние што се занимаваат со истражувачко новинарство со фокус на криминал и корупција немаат доволно ресурси и поддршка за да укажуваат на високопрофилни случаи на корупција. Потребно е понатамошно реформирање на јавниот дифузен сервис, а предизвикот со ширење на лажни информации и сомнително финансирање на интернет-медиуми сè уште е присутен.
Овој извештај во сенка е изготвен во рамките на институционалниот грант на Институтот за европска политика финансиран во рамките на програмата на ЦИВИКА мобилитас.