Анализа на квалитетот на реформите кои се однесуваат на избор, избор во повисок суд и разрешување на судиите
Продолжувајќи ја својата заложба за надгледување и учество во спроведувањето на квалитетни, инклузивни и транспарентни реформи, граѓанските организации кои работат во областа на правосудството и се дел од Блупринт групата за реформа во правосудството ја направија оваа анализа која го елаборира реформираниот тек на судиската кариера од условите и постапката за прием на почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители, условите и постапката за избор на судија во основните и управните судови, услови и постапка за избор на судија во повисок суд и претседатели на судови, основи и постапка за утврдување дисциплинска одговорност сè до престанок и разрешување од судиската функција.
Групата ја сочинуваат Институтот за човекови права, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Коалицијата „Сите за правично судење“, Македонското здружение на млади правници, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Со оглед на тоа дека Блупринт групата е дел од Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата во правосудството 2017 – 2022, кој претставува советодавно тело на Министерството за правда и има свои претставници во работните групи за закони од областа на правосудството, оваа анализа претставува документ за искажување на стручните и аналитички мислења на Блупринт групата за реформи во правосудството, придонес при надгледувањето и евалуацијата на реформите и обид за влијаење во насока на зголемување на квалитетот на реформите.