По разнишани скалила: За човековите права и КОВИД-19 во Северна Македонија по дерогирањето од Европската конвенција за човекови права
По загриженоста за влијанието на новата вирусна инфекција која доби пандемичен размер врз достапноста и пристапноста на здравствените услуги(вклучително и абортусот и менталното здравје), работничките права (вклучително и на новинарите), корупцијата, правата на лицата лишени од слобода и на жртвите на трговија со луѓе и експлоатација, како влијанието врз родовата еднаквост, вклучително и преку очекуваниот пораст на семејното насилство, од пред неколку дена дојде и (можеби) очекуваниот, но вреден за преиспитување, чекор. Имено, Северна Македонија дерогираше од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) во врска со вонредната состојба воведена поради ширењето на КОВИД-19.
Ова се чини како сосема очекуван, следен, чекор откако земјата прогласи вонредна состојба. Но, сметаме дека е важно да се има предвид дека значењето, оценката и последиците од дерогирањето ќе зависат не само од осмисленоста и начинот на кој е изведен првичниот потег – поднесувањето на известувањето за дерогацијата, туку и од сите понатамошни чекори кои земјата ќе ги преземе од сега па до денот кога ќе ја прекине дерогацијата. Ова ќе бидат елементи на кои Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ќе се фокусира кога ќе ги разгледува случаите кои ќе ги добие поврзано со мерките кои ги презеле или не ги презеле државите за време на КОВИД-19-кризата. Но, дополнително и еднакво важно, како што укажува и Агенцијата за фундаментални права на Европската Унија (ФРА), оваа криза ќе постави нов предизвик и за домашните судови кои ќе треба да ја проценат неопходноста и пропорционалноста на воведените мерки во случаите поврзани со овие мерки.
Поради тоа, тука ќе се осврнеме на неколку точки во врска со оваа дерогација: основот за дерогација, обемот на дерогацијата, нејзиното траење и прекин.
*Лекторираната верзија е поставена на 11/05/2020