[ЗАВРШЕН] Повик за анкетари-волонтери

Асоцијацијата за развојни иницијативи ЗЕНИТ – Скопје и Институтот за европска политика (ЕПИ) огласуваат 14 волонтерски позиции во рамки на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“ финансиран од Европската Унија. Позициите се предвидени во Гостивар и Штип.

Начин на пријавување

Заинтересираните кандидати треба да достават кратка биографија (на македонски или англиски јазик) со преглед на образованието, работното искуство и релевантните знаења и вештини, вклучително и нивото на познавање на стандардните офис апликации.

Пријавата треба да се достави на [email protected] или [email protected] не подоцна од 23 октомври 2019 година (среда). При пријавувањето, кандидатите во насловот на електронската порака треба да наведат Волонтер-Партнерство Јустиција и името на градот во кој сакаат да волонтираат (Гостивар или Штип). Изборот ќе се изврши врз основа на доставените пријави, а по потреба дел од кандидатите ќе бидат повикани на разговор. Пријавите доставени по крајниот рок нема да бидат земени предвид.

Што добиваат волонтерите?

За покривање на трошоците за храна и превоз, волонтерот ќе добива месечен надомест во износ од 4.620 денари.

Секој од волонтерите ќе има активности во просек по 20 часа неделно, во 1 месец во периодот октомври-ноември 2019 г., со можност со обострана согласност да се продолжи за уште еден месец во 2020 година.

Волонтерите ќе имаат можност да стекнат практично искуство во работа на донаторски финансирани проекти, комуникација и соработка со други граѓански организации и институции, спроведување истражувања и анкети. Ќе биде одржана и еднодневна обука за спроведување на анкета за задоволство на корисниците на судовите и вработените во нив.

Задачи на волонтерите

Главни волонтерски задачи:

  • спроведување на анкета на корисници и вработени во судови (зависно каде се пријавил, во Гостивар или Штип);
  • внесување на податоците од истражувањето во база на податоци;
  • комуникација со институции и организации, вклучително и присуство на состаноци и средби со организации/институции;
  • известување на супервизорот/проектниот тим за напредокот во работата;
  • други тековни активности.

Услови за пријавување и критериуми за избор

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови:

  • студенти во последна година на додипломски студии, студенти на постдипломски студии или дипломци/магистри од областа на општествените науки (политички науки, право, социологија) или тековни односно поранешни практиканти во судовите;
  • солидни компјутерски вештини (стандардни офис апликации за обработка на текст и бројки).

Евалуацијата и изборот на кандидатите ќе се заснова на следниве критериуми: степенот на образование (максимум 1 бод), нивото на компјутерска писменост (максимум 1 бод), релевантното професионалното искуство (максимум 4,5 бодови), комуникациските вештини (максимум 1 бод), мотивираноста (максимум 1 бод), познавањето на албански јазик (не е задолжително, но носи дополнителен бод за кандидатите кои се јавуваат за Гостивар или за Скопје).

За проектот

Проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“ (број на договор за грант: 12-6206/1), финансиран од Европската унија, има за цел да придонесе за враќање на довербата на граѓаните во македонскиот правосуден сектор преку значително вклучување на граѓанското општество во суштински реформи. Проектот е спроведуван од Институтот за европска политика – Скопје и Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит.

Comments are closed.