ОТВОРЕН ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА НОВИНАРИ
во програма за обука и менторство за известување за европските интеграции и Планот за раст за Западен Балкан
Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) објавува отворен повик за учество во програма за градење на капацитетите на новинарите, во рамките на проектот „Декодирај ја ЕУ – Заедничко комуницирање на политиките на Европската Унија“.
Контекст
Процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ е долготраен, комплексен и честопати недоволно разбирливо искомунициран во јавноста. Најновите инструменти, како што се Планот за раст за Западен Балкан и Националните реформски агенди, носат специфични технички и финансиски услови кои бараат аналитички пристап во известувањето. Целта на оваа програма е да им понуди на новинарите структурирана обука, практични алатки и директен пристап до релевантни информации со цел да се поттикне точно, засновано на факти и родово-одговорно известување за реформите поврзани со ЕУ.
Што нуди програмата?
Програмата е наменета за новинари кои во континуитет ќе поминат низ две клучни фази на обука и практична работа во периодот од октомври 2026 година до април 2027 година.
- Обуки:
- Прва дводневна обука: институции на ЕУ и секторски политики
- Фокус: Функционирање и носење одлуки во институциите на ЕУ, пристапниот процес, медиумската етика и извори за полесно наоѓање на одлуките на ЕУ.
- Втора дводневна обука: План за раст и Реформски агенди
- Фокус: Детално толкување на Планот за раст за Западен Балкан, механизмите на условеност, постепената интеграција, како и следење на исполнувањето на конкретните национални реформи и обврски.
Логистички информации: Двете обуки ќе се одржат надвор од Скопје (со по едно ноќевање), индикативно во текот на октомври или ноември 2026 година. Сите логистички трошоци (патни трошоци, сместување, храна и работни материјали) се целосно покриени од страна на организаторот.
- Најнови информации за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ и вештини за негово следење.
- Студиска посета во Брисел: Избрани учесници од обуките ќе добијат можност за посета на Брисел, каде ќе реализираат состаноци со релевантни институции на ЕУ. Посетата индикативно ќе се спроведе во текот на март 2027 година.
- ТВ емисија во Европскиот парламент: Во рамки на посетата, новинарите ќе имаат шанса да учествуваат во снимањето на специјално издание на ТВ емисија во медиумското студио на Европскиот парламент во Брисел, која подоцна ќе биде емитувана на националните телевизии и промовирана во регионот.
- Поврзување и долгорочна поддршка: Учесниците ќе станат дел од неформална мрежа на специјализирани новинари кои ќе имаат постојан пристап до анализите на ЕПИ.
Обврски на избраните учесници
Со прифаќање на учеството во оваа програма, новинарите се обврзуваат на:
- Целосно присуство и активно учество на двете дводневни обуки надвор од Скопје.
- Изработка на една оригинална мултимедијална сторија (статија, интервју или видео-прилог) поврзана со реформите од ЕУ, Планот за раст, Зелената агенда или родовите аспекти на евроинтеграциите, со уредничка и менторска поддршка од експертите на ЕПИ. Овие производи ќе бидат објавени во рамки на новиот Дигитален медиумски центар за ресурси (Media Resource Hub) на веб-страницата на ЕПИ.
За подготовката на мултимедијалната сторија е предвиден паричен надоместок.
Целна група и критериуми за селекција
Повикот е отворен за сите новинари кои работат во национални, регионални и локални медиуми во Република Северна Македонија, како и за независни новинари.
Изборот ќе се изврши врз основа на следниве критериуми:
- Професионална позадина и искуство во медиумскиот сектор.
- Мотивација за учество и интерес за теми поврзани со ЕУ.
- Идеја/тема за мултимедијална сторија.
Напомена за инклузивност: При изборот, строго ќе се води сметка за зачувување на родовиот баланс, вклучување на млади новинари, како и соодветна јазична застапеност. За учесници со попреченост ќе бидат обезбедени соодветни услови/прилагодувања за непречено учество.
Како да аплицирате?
Заинтересираните кандидати треба да ги достават следните документи:
- Професионална биографија (CV);
- Кратко мотивациско писмо (до 300 зборови) во кое ќе го објаснат својот интерес за учество;
- Кратка почетна идеја/тема (до 300 зборови) за мултимедијалната сторија што би сакале да ја истражуваат во текот на проектот.
Апликациите се испраќаат на е-маил адресата на ЕПИ: [email protected], со назнака: „Пријава за програма за обука на новинари – Декодирај ја ЕУ“.
Краен рок за пријавување е 31 август 2026 година до 23:59 часот.
Избраните кандидати ќе бидат контактирани за деталите поврзани со обуките. За сите дополнителни прашања, можете да се обратите на горенаведениот е-маил.
Проектот се спроведува во рамките на иницијативата „Зајакнување на јавниот ангажман и комуникацијата на патот кон членство во ЕУ“, поддржана преку Шведската поддршка и UNOPS (референца: CFP ref. no. 24012 Sweden).




