Родово базирано насилство врз жените низ призмата на препораките за нашата држава од четвртиот круг на универзалниот периодичен преглед на Советот за човекови права на Обединетите нации

Авторка: Ива Цоневска Вангелова, судијка во Основниот суд Гевгелија

Универзалниот периодичен преглед (УПП) е процес во рамките на Советот за човекови права на Обединетите нации, каде што сите 193 земји-членки на ООН се прегледуваат на секои четири до пет години за да се проценат нивните обврски и заложби во врска со човековите права. Дел од тематските препораки од универзалниот периодичен прегред од четвртиот круг – 46 сесија за нашата држава, се однесуваат токму на таргетирање на проблемот со родово базираното насилство.

Со цел да се дадат конкретни препораки, а во насока на имплементација на тематските препораки од универзалниот периодичен прегред од четвртиот циклус – 46 сесија за нашата држава што се однесуваат на родово базираното насилство, вклучително и родово базирано насилство врз жените, во овој блог е дадена дефиниција на тоа што е родово базирано насилство врз жените, даден е краток преглед на правната рамка и примената во практиката, на крајот е даден приказ на следните чекори што треба да ги преземе нашата држава со цел имплементација на препораките.

Родово базирано насилство врз жените, насилство врз жените и семејно насилство

Родово базираното насилство врз жените претставува насилство насочено кон жените токму поради нивната припадност на женскиот род и е резултат на нееднаквите општествени односи на моќ меѓу мажите и жените. Тоа опфаќа физичко, сексуално, психичко и економско насилство, вклучувајќи закани и ограничување на слободата, како во јавниот, така и во приватниот живот.

Семејното насилство ги вклучува сите форми на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство во рамките на семејството или партнерските односи. Новиот Закон за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство од 2021 година ја проширува дефиницијата, опфаќајќи ги и двете форми на насилство.

Статистиките покажуваат дека мажите во најголем број се сторители на семејно насилство – 91% од кривичните дела и 84% од прекршоците. Најчести жртви се жените, особено сопругите. Според бројот на регистрирани прекршоци во врска со семејно насилство, најчесто прекршочно дело е физички напад, по што следува малтретирање на друг во стан. Во 2022 година значително е зголемен бројот на поплаки, најмногу за психолошко малтретирање, при што повторно најголем дел од сторителите се мажи, а најголем дел од жртвите се жени.

Правна рамка и стратешки документи

Првичните заложби за справување со семејното насилство во државата почнале во 2004 година, кога семејното насилство по првпат било дефинирано во Кривичниот законик и бил воспоставен систем на кривично-правна заштита. Истовремено се воспостави систем на граѓанско-правна заштита прво преку измена на одредбите на Законот за семејство. Во 2014 година е донесен посебен Закон за спречување, превенција и заштита од семејно насилство, со кој се уредиле надлежностите на институциите и мерките за заштита на жртвите.

По ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство (Истанбулската конвенција) во 2017 година, државата презела обврска за сеопфатна борба против насилството врз жените. Во таа насока, беше изготвен Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство на Република Македонија 2018-2023 со три цели: усогласување на законската рамка со одредбите на Конвенцијата, воспоставување сервиси за заштита на жртвите на родово базирано насилство и на жртвите на семејно насилство и спроведување активности за превенција. Во оваа насока, со акцискиот план беа предвидени низа законски измени или донесување на нови закони.

Во 2021 година е донесен нов Закон за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, со кој по првпат е дефинирано родово базираното насилство врз жените, вклучувајќи ги и девојчињата под 18 години, и се надмина пристапот на државата единствено да се справува со семејното насилство како родово неутрален проблем. Законот опфаќа нови форми на насилство (демнење, генитално осакатување, сексуално вознемирување преку интернет), вклучува ранливи групи (Ромки, ЛГБТИ-лица, жени кориснички на дроги, бремени жени), се уредува постапувањето на институциите со должно внимание, предвидува координација на институциите, собирање податоци и реинтеграција на жртвите. Со овој закон, жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување одговорност за непостапување со должно внимание на институциите и овластените лица кои извршуваат работи во име на државата, при што жртвите се ослободени од плаќање на сите трошоци на постапките за надоместок на штета сè до конечна наплата на имотно-правното побарување согласно со закон. Дополнително, предвидено е дека жртвата која своето имотно-правно побарување досудено со правосилна судска пресуда не може да го наплати од сторителот, ќе може да бара да се исплати од државен фонд.

Во февруари 2023 година беа донесени измени на Кривичниот законик со кои по првпат е дефинирано родово базираното насилство, поимот жртва на родово базирано насилство, воведена е и нова дефиниција на семејно насилство, воведени се нови кривични дела (осакатување на женски полови органи, демнење, полово вознемирување), кај квалификаторните облици на кривичните дела што го санкционираат семејното насилство, покрај казнување за семејното, се изврши дополнување со санкционирање на основните облици на делата и при вршење на родово базирано насилство, санкционирано е и убиство на миг извршено при родово базирано насилство врз жените од страна на убиениот. Сепак, ГРЕВИО забележува дека психичкото насилство не е криминализирано како посебно кривично дело, иако постојат неколку одредби од Кривичниот законик што можат да опфатат одредени аспекти на оваа форма на насилство.

Дополнително, со недоволна криминализација на психичкото насилство и фактот што гонењето за кривичното дело телесна повреда сторено при вршење на родово базирано насилство, насилство врз жената и семејно насилство сè уште се врши по предлог на жртвата, се нарушува ефикасноста на заштитата на жртвите и го намалува објективното гонење на сторителите на кривични дела поради влијанието и притисокот врз жртвите.

 

Во 2022 година беше донесен Закон за паричен надоместок на жртвите на кривични дела со насилство, кој се применува од 25.05.2023 година, а Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство беше формирана на 13.02.2024 година. Дополнително, бесплатната правна помош за жртвите и понатаму обезбедува само примарна, а не и секундарна заштита, ниту, пак, се усвоени најавените измени на член 53 од Законот за кривична постапка со кој ќе се прошири законската можност за обесштетување на сите жртви на родово базирано насилство од државниот фонд, независно од висината на казната предвидена за кривичното дело.

Една од тематските препораки од Универзалниот периодичен преглед од четвртиот циклус – 46 сесија за нашата држава што се однесуваат на родово базираното насилство, вклучително и родово базирано насилство врз жените, е финализирање и донесување на законот за родова еднаквост и градење на капацитетите на државните институции за одговор на родово базираното насилство. Иако предлог-законот за родова еднаквост беше објавен на ЕНЕР во 2022 година, овој закон сè уште не е донесен. Не се донесени ниту измени на Законот за социјална заштита што ќе биде усогласен со одредбите од Законот за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство од 2021 година.

Клучно за државата е да има преглед на случаите на родово базирано насилство врз жените, поради тоа потребни се измени и дополнување на Судскиот деловник согласно кои ќе бидат вклучени посебни категории за евиденција на случаи на семејно насилство и родово базирано насилство во граѓанска и кривична постапка.

Примена во практиката

Ревизијата на Државниот завод за ревизија (21 август 2025) утврдила дека институциите не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жртвите на родово базирано и семејно насилство. Од 52 активности од Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство за периодот (2018-2023), целосно се реализирани 22, делумно 10, а 20 воопшто не. По 2023 година нема донесена нова Национална стратегија за спречување и заштита од насилство, нов Акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција не е изготвен, ниту се усвоени сите неопходни подзаконски акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Програмата за реинтеграција е општа и без јасни индикатори, додека центрите за социјална работа немаат кадар, функционална анализа и стандардизирани процедури. Засолништата и советувалиштата се недоволни и нерамномерно распределени, а дел од постојните не ги исполнуваат стандардите од Истанбулската конвенција.

Според процените, потребни се 184 легла во засолништа, а обезбедени се само 67 (37%). Потребни се и 19 советувалишта, воспоставени се 11 (59%). Во некои региони нема воопшто засолништа или советувалишта. Дополнително, нема уреден систем за лиценцирање на специјализирани услуги и СОС-линии.

Податоците од МВР покажуваат дека во првата половина на 2024 година биле пријавени 528 дела од семејно и родово базирано насилство, од кои во 84% жртви биле жени. Најчести се телесни повреди и загрозување на сигурноста, со регистрирани случаи на тешки повреди, убиства и обид за убиство. Јавните обвинителства во 2024 година примиле 323 пријави, главно директно од жртвите. Мал број жртви дале изјави пред обвинителството, уште помал број со адвокат, иако законски постои ограничено право на бесплатна правна помош. Одговорите од судовите покажуваат дека не се воделе постапки за родово базирано насилство врз жени надвор од контекст на семејно насилство.

Следни чекори гледано во светлината на имплементирање на тематските препораки од универзалниот периодичен прегред од четвртиот круг – 46 сесија за нашата држава

Справување со проблемот на родово базираното насилство врз жените претставува долгорочен процес, со ангажман на сите клучни чинители во општеството. Со цел да се адресираат тематските препораки од универзалниот периодичен преглед од четвртиот циклус – 46 сесија за нашата држава што се однесуваат на родово базираното насилство, вклучително и родово базирано насилство врз жените, потребно е стратешко планирање, измена на правната рамка, како и соодветна имплементација на законите и обезбедување на финансиски средства, така и континуирани обуки за професионалците кои работат на случаи на родово базирано насилство.

Од аспект на стратешко планирање и унапредување на правната регулатива потребно е:

– Донесување на Национална стратегија за спречување и заштита од насилство;

– Донесување на сите подзаконски акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство;

– Инкриминација на психичкото насилство како посебно кривично дело во Кривичниот законик, согласно препораките на ГРЕВИО;

– Измени во Кривичниот законик, со цел гонењето на сторителите на кривичното дело телесна повреда сторено при вршење на родово базирано насилство, насилство врз жената и семејно насилство, да се презема по службена должност од страна на јавното обвинителство;

– Измена на член 53 од Законот за кривична постапка, со кој ќе се прошири законската можност за обесштетување на сите жртви на родово базирано насилство од државниот фонд, независно од висината на казната предвидена за кривичното дело;

– Да се отвори поширока дебата за измени на Законот за бесплатна правна помош со цел да се обезбеди секундарна правна помош на жртвите на родово базирано насилство, насилство врз жените и семејно насилство;

– Усогласување на Законот за социјална заштита со членовите од Законот за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство од 2021 година;

– Донесување на Законот за родова еднаквост;

– Измена и дополнување на Судскиот деловник согласно кои ќе бидат вклучени посебни категории за евиденција на случаи на семејно насилство и родово базирано насилство во граѓанска и кривична постапка.

Од аспект на соодветна имплементација на регулативата потребно е:

– Обезбедување на финансиски средства за ефективна имплементација на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство;

– Обезбедување на финансиски средства за ефективна имплементација на активностите што се предвидени, а не се имплементирани или се делумно имплементирани во Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство;

– Подобрување на пристапот до здравствени услуги на жртвите на родово базирано насилство, како и преземање мерки за зајакнување на услугите за заштита и поддршка за жртвите на семејно насилство;

– Преземање мерки за обезбедување на соодветна имплементација и спроведување на законите и соодветно санкционирање на сторителите на родово базирано насилство;

– Преземање на дополнителни чекори за обезбедување на родова еднаквост преку подобрување на пристапот до специјализирани услуги и засолништа за жртви на родово базирано насилство, особено во руралните средини;

– Најголем дел од препораките во универзалниот периодичен преглед се однесуваат на спроведување обуки за судството, обвинителството и полицијата, а кои ќе се засноваат на пристап базиран на човекови права и насочен кон жртвите, сè со цел справување со родово базирано насилство. Во оваа насока се препорачува и продолжување на спроведување на посебни обуки за полицијата, обвинителството и судството за спроведување на измените на Кривичниот законик од февруари 2023 година, спроведување обуки за судството и полицијата за родово базирано насилство и за ефикасно спроведување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство од 2021 година;

– Покрај препораките од универзалниот периодичен преглед, ГРЕВИО препорачува и промоција на првните механизми што им стојат на жртвите на родово базирано насилство, против сторителите, како и можноста за поднесување тужба пред граѓански суд за утврдување одговорност за непостапување со должно внимание од страна на државните органи кои не ја исполниле својата должност да преземат потребни превентивни или заштитни мерки во врска со случаите на насилство врз жените и семејно насилство, согласно Законот за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство од 2021 година.


Блогот „Родово базирано насилство врз жените низ призмата на препораките за нашата држава од четвртиот круг на универзалниот периодичен преглед на Советот за човекови права на Обединетите нации“ е развиен со поддршка на регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институт за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Содржината на блогот е единствена одговорност на имплементаторите на проектот и не мора да ги одразува ставовите на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.