Аналитички извештај за правата на детето

Правата на детето се централна компонента на меѓународните обврски за човекови права на Северна Македонија и сè повеќе се користат како мерило за демократското владеење и институционалните реформи во рамките на процесот на пристапување на земјата во ЕУ. Како земја кандидат, од Северна Македонија се очекува да обезбеди целосна усогласеност со Конвенцијата на ООН за правата на детето (УНЦРЦ) и нејзините факултативни протоколи, како и да покаже видлив напредок во оваа област во согласност со Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права од законодавството на ЕУ. Истовремено, за време на четвртиот циклус на Универзалниот периодичен преглед (УПР), земјата доби неколку детални препораки за зајакнување на правната заштита, спроведување на истите и решавање на системските недостатоци во однос на правата на детето.

Овој труд го испитува степенот до кој земјата ја усогласила својата рамка за правата на децата со препораките на УПР и Извештајот на Европската комисија за напредокот за 2024 година, со посебен фокус на напредокот во зајакнувањето на правните, политичките и институционалните системи. Анализата посветува посебно внимание на прашањата за пристап, еднаквост и заштита – особено за децата од маргинализираните и ранливите групи – при што се идентификуваат клучните области во кои спроведувањето и понатаму е парцијално, фрагментирано или доцни.

Анализата ги следи тематските области наведени во Насоките за известување на Комитетот на ООН за правата на детето што овозможува да се направи структурирана и споредбена проценка. Секој дел почнува со резиме на релевантните препораки од УПР и од Извештајот на ЕУ за напредокот, кои служат како референца за оценување на моменталната состојба во однос на спроведувањето на истите. Клучните тематски области кои се опфатени се следните: 

  • Општи мерки за имплементација, со фокус на ратификацијата на меѓународните инструменти, националните стратегии, механизмите за координација и улогата на независните институции;
  • Граѓански права и слободи, со акцент на евиденција на родени;
  • Насилство врз децата, вклучувајќи стратешки документи, штетни практики и институционални механизми за заштита;
  • Образование, односно инклузивност, десегрегација, правни реформи и развој на стручно образование и обука; и
  • Посебни мерки за заштита, справување со трговијата со луѓе и правда за децата.

Трудот има за цел да обезбеди и фактички приказ и критичка анализа на состојбите во овие области. Во него се истакнува напредокот, се идентификуваат структурните и оперативните предизвици и се даваат практични препораки со чие спроведување ќе се помогне исполнувањето на препораките на УПР и барањата на ЕУ.