Европската унија (ЕУ) долго време работи посветено на промовирање на демократијата, човековите права и владеењето на правото во рамките на своите земји членки и во земјите кандидатки кои бараат членство во ЕУ. Овие суштински вредности се основни не само за внатрешната кохезија на ЕУ, туку и за нејзините надворешни односи и особено за нејзината политика за проширување, која се одликува со пристапот „најпрво основните вредности“. ЕУ неодамна ја отвори вратата за земјите кандидатки во некои од своите клучни механизми и институции за владеење на правото, како што се Извештајот на ЕУ за владеење на правото, работата на Агенцијата за темелни права (ФРА) и Европскиот економски и социјален комитет. Во исто време, Новиот план за раст за Западен Балкан – нов инструмент за поддршка на социоекономскиот развој и реформите за пристапување во ЕУ – го стави владеењето на правото во фокусот преку инкорпорирање предуслови за новата финансиска поддршка на ЕУ. Овие неодамнешни иницијативи ги прикажуваат стратешките напори на ЕУ за обезбедување почитување на принципите на владеење на правото во текот на интеграцијата на регионот во ЕУ. Заедно, овие иницијативи го истакнуваат двојниот пристап на ЕУ преку поттикнување и на економски раст и на демократско владеење во Западен Балкан. Сепак, предизвиците поврзани со нивната имплементација ја нагласуваат потребата од континуирано усовршување и поддршка за да се осигура дека овие механизми ќе го постигнат своето планирано влијание. Овој документ ги истражува можностите и предизвиците околу примената на овие инструменти и нуди препораки за подобрување на нивната ефикасност во промовирањето на стабилност, просперитет и придржување кон европските вредности во регионот.
