Презентирани клучните наоди од Националниот монитор за РЈА

Jun 21, 2023

naum.lokoski

Events, News

0

Резултатите и клучните наоди од Националниот мониторинг за реформи на јавната администрација 2021/2022 денес беа презентирани пред Националната работна група за РЈА, како и пред новинарите.

 

Беше истакнато дека ситуацијата со стратешката рамка за реформа на јавната администрација е иста како и во претходниот циклус на следење, додека значително назадување има во делот за развој на политики и координација. Владата ги нема објавено годишните извештаи за работа за 2020 и 2021 година, така што истражувачите не беа во можност да проценат дали тие извештаи се разбирливи, детални, дали имаат квантитативни и квалитативни информации и проценки или дали вклучуваат оценки за постигнување конкретни резултати и родово сегрегирани податоци (според Методологијата на ВеБЕР Проектот). Следствено, немаше достапни извештаи во формат на отворени податоци. Исто така, има најмалку 4 национални стратегии и три тековни планови објавени од Владата, за кои нема објавен извештај за реализација во последната извештајна година.

 

Перцепцијата на граѓанските организации за владиното известување е слична со претходниот циклус на мониторинг. Имено, тие сметаат дека Владата не ја известува редовно јавноста за напредокот во однос на поставените цели и не се уверени дека официјалните стратегии ги одразуваат потребните активности во одредени области на креирање политики, а и дека не вклучуваат соодветни ажурирања на постигнатиот напредок во однос на ЕУ приоритетите.

 

Иста како и во претходниот циклус на следење е ситуацијата и во делот на јавна служба и управување со човечки ресурси, а извесни подобрување има во делот на отчетноста, со оглед на тоа што повеќето државни институции имаат лесно достапни и погодни информации на нивните веб-локации и целосни и ажурирани органограми. Властите, исто така, покажаа значителен напредок во однос на проактивното спроведување на политиката на отворени податоци.

 

Состојбата останува иста во однос на објавувањето на повратните информации од граѓаните за квалитетот и задоволството од испораката на услуги од административните служби, имено повратни информации има само за две услуги од МВР.  Има одредено подобрување во однос на форматите на отворени податоци, бидејќи во текот на овој циклус на мониторинг, за две од пет анализирани услуги беа објавени информации во формат на отворени податоци.

 

Најдобри резултати и напредок се забележани во однос на комуникацијата и соработката на Државниот завод за ревизија со јавноста во врска со неговата работа. Имено, ДЗР има самостојна комуникациска стратегија за периодот 2020-2023 година, заедно со посебен Акционен план за комуникација за секоја година. Во овој мониторинг извештај се забележува евидентно назадување во однос на достапноста на информации за спроведените јавни набавки и јавната достапност на информации за јавните внатрешни финансиски контроли (ЈВФК) и парламентарната контрола.

 

Годишните планови за јавни набавки се достапни на Националниот е-портал за јавни набавки за сите министерства и државни институции, а најголемиот дел од плановите за јавни набавки се објавени на веб-страниците на министерствата. Сепак, загрижувачки е што не беа пронајдени извештаи за спроведените јавни набавки за ниту еден од договорните органи на централно ниво што беа предмет на анализа, во последните две календарски години.

 

Целосниот Национален монитор за реформите во јавната администрација за 2021/2022 година е достапен на следниот линк.

Comments are closed.