Годишен преглед на владеењето на правото во ЕУ за 2022 година
Принципот на владеење на правото е еден од суштинските вредности што ги сочинуваат темелите на Европската Унија. Тој подразбира дека јавните институции дејствуваат во границите утврдени со законот, во согласност со вредностите на демократијата и на темелните права. Земјите-кандидатки мораат да го почитуваат овој принцип и соодветно да го приспособат функционирањето на нивните институции. Меѓутоа, и земјите-членки на ЕУ не се изземени од оваа обврска или од последиците што произлегуваат од нејзиното непочитување.
Работата на ЕПИ е фокусирана на потребите и ограничувањата на Северна Македонија како земја-кандидат, која го чекаше почнувањето на пристапните преговори повеќе од една деценија, додека бележи пад на поддршката за членство во ЕУ и политичката нестабилност во последниве години. Во рамките на програмата за владеење на правото, ЕПИ внимателно го следи нивото на усогласеност со принципот на владеење на правото во земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидатки, со цел да научи корисни лекции и да ги презентира пред релевантните засегнати страни и граѓаните на Северна Македонија, бидејќи овие лекции ќе треба да се спроведат сега како земја-кандидат и како земја-членка во иднина. ЕПИ исто така ги следи настаните во земјата во следните области во согласност со структурата за преговори за пристапување во ЕУ: функционирање на демократските институции, реформа на јавната администрација и Поглавје 23: правосудство, борба против корупцијата и темелни права.