Уште еден извештај на ЕК: нова призма, стари болки

Куса анализа на извештајот на ЕК за Северна Македонија 2022 година

Клучни теми на презентацијата на пакетот за проширување во Комисијата за надворешна политика од страна на комесарот Вархеји беа условениот кандидатски статус на Босна и Херцеговина, меѓувладините конференции за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, како и назадувањето во Србија во однос на заедничката надворешна политика, заедно со влијанието на руската инвазија во Украина.

За разлика од минатата година, Европската комисија оваа година можеше да го прикаже одржувањето на првата меѓувладина конференција со Албанија и првата политичка меѓувладина конференција со Северна Македонија како нејзин главен успех во политиката кон Западниот Балкан, дури и како „историски момент“ кој означува „нова фаза на политиката на проширување“

Токму ова е новата призма којашто му дава поинаков тон на овогодишниот Извештај за Македонија,  кој инаку ја задржува ланската структура, голем дел од содржината, а повторува и голем број хронични болки.

Анализата, пак, на оценките на Комисијата[1] води кон два заклучоци:

  • Оценката за главно умерена подготвеност во повеќето кластери е иста како и минатата година. Остануваат големи разлики меѓу поглавјата и исти оценки за подготвеност на поглавјата, освен кај Поглавјето 31 Заедничка надворешна безбедносна политика, каде нивото на подготвеност е подигнато на „добро“, благодарејќи на целосната усогласеност со санкциите кон Русија.
  • Оценките за напредокот се нешто подобри во споредба со минатата година, па наместо немање напредок или „ограничен“ напредок, Комисијата во повеќето поглавја забележува „одреден напредок“. Сепак, ова не води кон менување на оценките за подготвеноста, кои, со единствениот исклучок, се исти од 2019 година, а многу малку променети годините пред тоа.[2]

Оттаму, останува нашата минатогодишна констатација дека ова е резултат на долгорочната природа на пристапниот процес, континуираното менување на европското законодавство, но и на генералниот недостаток на политичка поддршка во ЕУ за процесот на проширување, наспроти на овогодишнатa сменета реторика. Одржувањето на ваквиот пристап не обезбедува импулс за реформи од аспект на држава кандидат.

[1] Оценката за подготвеноста ја одразува сегашната подготвеност во однос на целокупните права и обврски кои треба да се преземат со членството во ЕУ, додека оценката за напредокот е во однос на минатогодишниот извештај.

[2] Преглед на квантифицираните оценки за подготвеност и напредок е даден во прилог.

Comments are closed.