Оглас за ангажман на истражувач/ка

Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје има потреба за ангажман на истражувач/ка за политики на Европска Унија со фокус на владеење на правото. Позицијата предвидува полно и редовно работно време, во период од една година[1] со повремени попладневни и викенд ангажмани при организација на настани. Позицијата овозможува можности за личен развој и надградба и динамична работна средина.

 

Опис на позицијата

  • Спроведување на истражувачки активности во областа на владеење на правото;
  • Анализа на македонското и европското законодавство и јавни политики;
  • Подготвување на анализи и документи за јавни политики поврзани со процесите кои произлегуваат од пристапувањето во ЕУ;
  • Прибирање, соодветно класифицирање на релевантни документи и подготовка на библиографии за истражувањата кои ги врши ЕПИ;
  • Подготовка и спроведување на работилници, интервјуа и фокус групи;
  • Учество на обуки за стручно усовршување и конференции, во и надвор од земјата;
  • Соработка со тинк-тенкови од Европа;
  • Учество во образовни програми и следење стручни публикации;
  • Соработка со други граѓански организации и фондации од земјата и регионот;
  • Подготовка на проектни апликации согласно програмата на ЕПИ;
  • Други задачи поврзани со тековните активности во ЕПИ.

 

Потребни квалификации

  • Завршени постдипломски студии од областа на политички студии, правни студии, европски интердисциплинарни студии, или друга релевантна област . Работно искуство и/или дополнителни неформални обуки за политики на ЕУ ќе бидат земени предвид наместо втор циклус на студии.
  • Три  години релевантно работно искуство
  • Напредно познавање на MS Office: Word, Excel, PowerPoint (задолжително).
  • Одлично познавање на македонски и англиски јазик и високо развиени вештини за пишување на текстови на двата јазика. Познавање на албански јазик ќе се смета за предност.
  • Запознаеност со политичкиот контекст во државата, особено во областите на делување на ЕПИ во програмата за демократија и владеење на правото. Искуство со застапување со различни чинители во процесите на донесување на одлуки ќе се смета за предност.
  • Одлични меѓучовечки и комуникациски вештини.
  • Способност за истовремено управување со повеќе проекти во динамична работна средина.
  • Способност за тимска работа и работа во средина во која се почитуваат и промовираат различностите. ЕПИ е работна средина со нула толеранција за ширење на предрасуди, дискриминација и говор на омраза врз основа на род, етничка припадност, религија или верско уверување, сексуална ориентација, полови карактеристики, возраст или која било друга основа за дискриминација.

 

Документи за пријавување

  1. CV (на македонски јазик).
    • Појаснување: Форматот на CV не е важен, но истото задолжително мора да содржи информации за: работно искуство (работна позиција, опис на работни активности, работодавач и датуми), формално образование (полна листа), неформално образование (само од релевантност за огласот), јазици (со задолжителен осврт на ниво на познавање јазиците наведени во делот за “Потребни квалификации” во овој оглас) и компјутерски вештини (со задолжителен осврт на ниво на познавање на програмите наведени во делот за “Потребни квалификации” во овој оглас). Доколку имате публикации или други објавен материјал Ве молиме наведете ги. Во овој дел можете да ставите и интернет врска до профили на социјалните медиуми кои Вие сте ги користеле или одржувале за професионални цели доколку сакате да ги земеме предвид.
  2. Пропратно писмо (на македонски јазик).
    • Појаснување: Во ова писмо очекуваме да ни кажете зошто сте заинтересирани за оваа позиција и како Вашите квалификации одговараат на позицијата, преку директно поврзување на Вашето досегашно работно искуство и/или образование со квалификациите кои се бараат според овој оглас. Примери од претходно искуство на исполнување на предвидените задачи во овој оглас ќе бидат повеќе од добредојдени.
  3. Пример од Ваш текст.
    • Појаснување: Пример или извадок од Ваш пишан труд, извештај, краток документ за применети политики, поглавје во книга или друга слична публикација произлезена од академско истражување или истражување на применети политики  (на македонски или англиски јазик). Дадете предност на текстови каде сте единствена авторка/автор.

Вака подготвената апликација треба да ја пратите по електронска пошта на [email protected] и [email protected] со наслов ЕПИ_ истражувач_(датум)_(име и презиме). Ве молиме сите документи да ги испратите во PDF формат. Рокот за пријавување е 4 февруари 2022 година.

Кандидат/к/ите кои ќе ја поминат првата фаза на разгледување на пријавите ќе бидат повикани на тестирање, по што тие што ќе бидат најдобро оценети на тестот ќе бидат повикани на интервју. Целиот процес на селекција се очекува да заврши во рок од две недели од рокот за пријавување.

[1]   На барање на избраниот кандидат/ка, постои можност за работење со флексибилно работно време или за работа на пола работно време за првите два месеца од ангажманот.

Comments are closed.