Дијалог за Пристапниот дијалог
Целта на овој настан беше вклучување на сите заинтересирани страни во следењето на процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија. Работилницата претставуваше неформален настан за взаемно информирање и отворање на конструктивен дијалог на темите кои произлегуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво, особено помеѓу претставниците од граѓанскиот сектор во РМ. Главен говорник на настанот беше заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Д-р Теута Арифи.
Според директорот на ЕПИ Малинка Ристевска Јорданова, Дијалогот веќе доби позитивен ореол во јавноста во услови кога отсуствуваат преговорите и е блокирана втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Д-р Јорданова укажа дека целта на настанот не е да се симне позитивниот ореол на пристапниот дијалог туку да се придонесе за него, процесот да не биде само алатка на штиклирани активности туку да биде процес кој што ќе се сврти внатре кон нас самите, односно ќе придонесе за нашиот внатрешен дијалог меѓу македонските чинители.
Вицепремиерот Арифи меѓу другото истакна дека Пристапниот дијалог на високо ниво е инклузивен процес кој бара вклученост не само на државните институции и граѓанскиот сектор, туку и на целото општество и токму затоа сите треба да го дадат својот придонес во реализацијата на активностите поврзани со процесот на европска интеграција. Во рамки на своето излагање Арифи се осврна на постигнатите резултати во трите области од Пристапниот дијалог кои во моментов имаат приоритет, дијалогот со медиумите, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и изборната реформа. „Владата ја исполни обврската да подготви Извештај за досегашните резултати од имплементацијата на Оперативниот патоказ и генерално динамиката на реализација се одвива добро“, истакна вицепремиерот Арифи.
Организацијата на работилницата е спроведена во рамки на Институционалниот грант доделен од Институтот отворено општество – Будимпешта за 2012 година.