Коментар по повод Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија, од 4 ноември 2026 година
Европската комисија повторно не констатира назадување во ниедна област, односно поглавје, но напредокот останува објективно незадоволителен, а македонскиот пристапен пат е во состојба на тапкање во место. Иако во однос на претходната година е забележан барем мал напредок на ниво на Поглавјето 23: Правосудство и темелни права, сериозно загрижува тоа што веќе четврта година едноподруго отсуствува каков било напредок во борбата против корупцијата, додека Поглавјето 24: Правда, слобода и безбедност бележи само ограничен напредок.
Во однос на преземањето на обврските за членство, државата сѐ уште го одржува умереното ниво на подготвеност, со мало придвижување напред само во две поглавја – Поглавјето 10: Дигитална трансформација и медиуми и Поглавјето 26: Образование и култура. И оваа година ретките суштински поместувања не се резултат на динамика на преговорите по кластери, туку во најголема мера се должат на техничкото исполнување на обврските преземени со Реформската агенда, како дел од Планот за раст.
Напредокот е добар само во три поглавја (Поглавјето 10: Дигитална трансформација и медиуми, Поглавјето 25: Наука и истражување и Поглавјето 31: Надворешна, безбедносна и одбранбена политика), додека во останатите, во голема мера, има мали поместувања или стагнација. Тука, недвосмислено, стоиме полошо од другите земји кандидатки, особено Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, кои Комисијата ги издвојува како држави што предничат и за кои за првпат воведува структурирани патокази со јасни временски рамки и целни датуми за затворање на поглавјата. Додека тие бележат поместувања во повеќе од 10 поглавја, ризикот да го изгубиме чекорот со нив во однос на релативно високото ниво на усогласеност постигнато во минатото, оваа година веќе стана реалност.
Во овој коментар ги анализираме трендовите на ниво на кластер и поглавје во извештајот од 2026 година, со фокус на клучните критични точки, добрососедските односи, можностите за постепена интеграција, како и новите препораки од страна на Комисијата. На крајот од коментарот е вклучена анализа на усогласеноста во изминатите години.