Дебата: Расте бројот на предмети решени со медијација, но сè уште постои слаба информираност за истата

Поголемиот број од испитани судии и јавни обвинители не се доволно запознаени со користењето на медијацијата во земјава и напорите за промоција и поддршка на медијацијата, а сè тоа резултира со слаба упатеност на предмети на медијација. Сепак, сметаат дека нејзиното користење ќе помогне на правосудниот систем.

 

Ова беше заклучено на завршанта конференција „Употреба на медијацијата – постигнати успеси и преостанати предизвици“. Со оваа конференција се финализираа низата активности од проектот „Медијација, без дилема“.

 

Настанот го отворија директорката на ЕПИ Симонида Кацарска, заменик-министерот за правда Агим Нухиу, амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер Дамјановска и националната координаторка за медијација Јелисавета Георгиева Јовевска. Тие се согласија дека има зголемување на примена на медијацијата во земјава и се согласија дека тој тренд треба да продолжи и да се засили.

 

Сепак, укажаа и на загрижувачкиот тренд на трговски спорови кои се решаваат со медијација за што заменик-министерот Нухиу истакна дека министерството ќе се обиде да го надмине тој предизвик со новото законско решение, кое започна да се применува од април оваа година.

 

Амбасадорот Јан Коп кажа дека Холандија ќе продолжи активно да ја поддржува земјава во спроведувањето на реформите на патот кон ЕУ, вклучително и на владеењето на правото, каде што улога игра и медијацјата.

 

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители смета дека перцепцијата за медијацијата и нејзиното користење во земјава ќе се промени доколку се спроведуваат едукативни настани секоја година за судиите и обвинителите и кога тие повеќе ќе се запознаат со предностите.

 

Новата национална координаторка за медијација, Јелисавета Георгиева Јовевска истакна дека со јавно говорење ќе се промовира медијацијата и ќе се користи повеќе.

 

Конференцијата послужи и како промотивен настан за „Анализата за квалитетот на медијацијата во Северна Македонија“, подготовена од страна на професорите Гордана Лажетиќ, Олга Кошевалиска и Лазар Нанев.

 

Анализата беше изработена преку анализа на дистрибуираните прашалници до сите основни судови во РСМ (граѓански судови, кривични судови како и надлжени судови во постапката спрема деца), до Основните јавни обвинителства со проширена надлежност кои се надлежни во кривичните постапки спрема деца, прашалници доставени до сите  медијатори регистрирани во Именикот на медијатори, барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за правда, како и податоци од реализирана фокус група со преставници од стопанските комори во земјава.

 

За слабостите и предизвиците со кои се соочуваат медијаторите говореше претседателката на Комората на медијатори, Гордана Богеска  која смета дека потребно е информирање и едукација за граѓаните со цел медијацијата да стане прв избор за решавање спорови. Судијата од Основниот суд во Тетово Бетим Јахја и вишиот јавен обвинител Елвин Вели се согласија дека се потребни повеќе обуки за судиите и јавните обвинители, со цел да се запознаат со предностите на медијацијата.

 

На вториот дел од конференцијата говореа холандските медијатори и експерти од областа на медијацијата Хеа Ван Кломпенбург, Марјон Куиперс и Јан ван Цвитен за идентификуваните слабости во квалитетот на работата на медијаторите. Тие претходно во два наврата одржаа обуки за обучувачите за медијација во земјава, сегашни и идни, и се запознаа со структурата на медијацијата во земјава, како и со медијаторите, судиите и обвинителите кои работат на промоција на медијацијата.

 

Тие се согласија дека во земјава е доста направено, но и дека уште многу треба да се прави. Како идна насока, препорачаа креирање на структура која ќе вклучува подобар процес за квалитативно оценување на медијаторите, но и едуцирање за тоа што е медијација на сите слоеви во општеството, бидејќи решавањето на конфликти и спорови не треба да биде работа само за судовите и законот, туку тоа пред сè се проблеми со кои се соочуваат граѓаните во нивното секојдневие.

 

Конференцијата „Употреба на медијацијата – постигнати успеси и преостанати предизвици“ беше завршна активност во рамките на проектот „Медијација, без дилема!“. Проектот го спроведува Институтот за европска политика (ЕПИ)- Скопје во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев’’, Комората на медијатори на Република Северна Македонија и Холандската федерација на медијатори, а е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

Comments are closed.