Дијалог за политики: Работењето на владеење на правото е маратон, а не спринт
Работењето на владеење на правото, на демократијата и на човековите права не е спринт, туку маратон. Тоа трае многу долго. Сепак наша одговорност е да бидеме фокусирани на поставување на добри темели и обезбедување на основните институции и механизми за процесите да може да продолжат и покрај разните политички пречки кои ќе се појавуваат.
Ова беше еден од заклучоците на денешниот настан „Мониторинг на владеењето на правото за земјите-членки на ЕУ и кандидатите: Премостување на јазот“ кој го организираше Институтот за европска политика – ЕПИ во рамките на проектот „Градиме мостови за заедничка иднина: Владеењето на правото во насока на пристапувањето во ЕУ“ финансиран од Европската Унија.
На настанот говорници беа Ања Босилкова-Антовска од Мрежата за развој на граѓанското општество на Балкан, Иван Новосел од Куќата на човекови права од Загреб и Марко Кмезиќ од Универзитетот во Грац. Тие разговараа и ги анализираа моменталниот развој и клучните предизвици во дискусиите за владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидатки.
Настанот го отворија директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска и државната советничка за ЕУ, Фросина Тасевска, кои потенцираа дека земјава вложува напори за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, за што е клучно будното око на граѓанските организации.
Говорниците во дискусијата владеењето на правото го дефинираа како клучна точка за колективниот идентитет на ЕУ со три свои функции: камен темелник на демократскиот систем во земјите-членки, промоција на владеењето на правото во земјите надвор заедно со останатите вредности и важен дел е од политиката на проширување на ЕУ.
Како клучен предизвик за Северна Македонија беше истакната имплементацијата на правната рамка, која генерално е усогласена со ЕУ стандардите.
Граѓанските организации беа истакнати како партнер на ЕУ во реформите поврзани со владеењето на правото, бидејќи токму граѓанското општество е тоа што најмногу се залага за подобрување на ситуацијата.
Настанот беше организиран во рамките на проектот „Градиме мостови за заедничка иднина: Владеењето на правото во насока на пристапувањето во ЕУ“ кој го имплементира Институтот за европска политика – ЕПИ, а е финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е да помогне во креирањето на одржливи реформи за владеење на правото во насока на пристапувањето во Европската Унија.