Перцепција на јавната администрација и приватниот сектор за медијацијата како начин за решавање на спорови во Република Северна Македонија
Медијацијата претставува постапка на мирно вонсудско решавање на спор во која страните доброволно се обидуваат да го решат конфликтот преку преговори со помош на еден или повеќе медијатори кои како трета неутрална и непристрасна личност помагаат во преговорите насочени кон постигнување заемно прифатлив компромис за решавање на конфликт или спор. Споредено со судските постапки, медијацијата се смета за пофлексибилна, побрза и поевтина постапка. Имајќи предвид дека употребата на медијацијата во современите општества е флексибилна, таа помага во решавањето на проблемите и се користи како алтернатива на судската постапка. Тргнувајќи од потребата да се активира личното учество на страните во постапката, повеќето законодавства ја прифаќаат медијацијата како современ начин на задоволување на правдата. Прифаќањето на медијацијата од современите општества ја зголемува свеста за важната и одговорна улога на индивидуите во општеството во однос на превенирањето и третирањето на криминалот.
Главна цел на истражувањето е да го истражи мислењето и перцепцијата на вработените во приватниот сектор и јавната администрација за медијацијата во Република Северна Македонија и со добиените резултати да допринесе кон утврдување на фактичката состојба за ова прашање, како и да понуди преглед на аспектите кои е потребно да бидат унапредени институционално и/или законски. Истражувањето исто така има за цел да ги испита ставовите на вработените во приватниот сектор и јавната администрација за актуелните состојби со медијацијата во државата. Анализата на податоци ќе обезбеди увид за степенот на информираност за медијација на вработените во јавните институции и приватниот сектор, понатаму, какво е нивното искуство, мислење и подготвеност за промовирање на медијацијата како постапка за решавање на спор и други релевантни прашања. Прашалниците се составени од затворен тип на прашања, а истите овозможија да добиеме релевантни податоци и информации.