Анализа на судските одлуки во областа на прекршочната постапка
Анализата на квалитетот на судските одлуки од областа на прекршочната постапка изработена од страна на д-р Маријана Лончар Велкова, опфаќа 60 анонимизирани одлуки од четири апелациски подрачја донесени во периодот од 2017 до 2020 година, каде една од страните во постапката претставува физичко лице. Секоја од одлуките се анализираше одделно, само врз основа на квалитативни индикатори утврдени во посебно изработената Методологија за анализа на квалитетот и воедначеноста на судските одлуки, без квантифицирање на добиените резултати врз основа на квантитативните индикатори согласно Методологијата.
При анализирање на судските одлуки се правеше проценка на целата одлука, секој нејзин дел, начинот на изведување на доказите и постоењето на контрадикторност, наведувањето на доказите, согледување дали изречената прекршочна санкција е заснована на законските одредби односно дали е правилно применето материјалното право и дали постојат одредени повреди при водење на прекршочната постапка. Секако, кај одлуките донесени од страна на апелационите судови анализираа упатствата дадени до основниот суд доколку предметот се враќа на повторно одлучување.
Главни наоди
- Пресудите од Апелациското подрачје Битола поединечно ги содржат потребните делови и се правилно структурирани. Најголемиот дел од нив се јасни и концизни, иако постојат одредени одлуки со отстапувања. Најчестите отстапувања се кога пресудата се носи без образложение. Апелациониот суд Битола во одлуките дава јасни упатства до основниот суд, јасно ги наведува причините за укинување или преиначување на одлуката на првостепениот суд, јасно укажува на разликите во оценувањето со основниот суд и дава одговор на жалбените наводи што претходно не се наведени и на кои нема одговори во првостепената судска одлука, како и внимава на рокот за апсолутна застареност.
- Во поголем дел од анализираните одлуките во Апелациското подрачје Гостивар, се забележуваат суштествени повреди на прекршочната постапка, особено во делот на одлуките кои не содржат образложение. Одлуките погрешно се донесени во отсуство на обвинетиот, без истиот да се откаже од правото на жалба. Од анализираните одлуки на Апелациониот суд за поголемиот дел се изведува заклучок дека имаат недостатоци кои во дел не се суштински, додека во дел се погрешно применети позитивните законски прописи.
- Концизни, јасни, разбирливи и со доволен опис на спротивставените аргументи се одлуките од Апелациското подрачје Скопје. Во одлуките се цитирани закони и објаснувања за причините поради кои се прифатени или отфрлени жалбените наводи, притоа водејќи сметка за секој сегмент од одлуката на основниот суд и ценејќи ја во целост, а не само во делот кој е обжален. Кај одлуките на Апелациониот суд Скопје се забележува дека во одлуките се содржат јасни упатства до Основниот суд. При враќање на одлуката на повторно разгледување, јасно се наведени причините за укинување или преиначување.
- Во Апелациското подрачје Штип во поголем обем одлуките ги содржат потребните делови и се правилно структурирани. Тие се донесени врз основа на материјалното право, а во содржината на изреката се зема предвид и фактичкото тврдење на странките за постапката за докажување. Одлуките на Апелациониот суд Штип се кратки и со помалку објаснувања споредено со одлуките на Апелациониот суд Скопје. Тие се разбирливи и се води сметка за примената на законите.
Во поглед на изречените заклучоци, анализата на национално ниво упатува дека квалитетот на судските одлуки во основа е добар и покрај изнесените недостатоци, што се однесува на нивната структура и правна логика, образложението на самата одлука и јазичните аспекти (јазична и граматичка правилност). Одлуките на Апелационите подрачја Скопје и Битола се со подобар квалитет за разлика од одлуките на апелационите подрачја Гостивар и Штип, што може да се согледа од оцената на квалитетот на поединечните одлуки и заклучоците дадени за секое апелационо подрачје во анализата.
Можеме генерално да се заклучи дека кај судските одлуки по апелационите подрачја се согледува невоедначеност, што се должи на забележаните специфичности а донекаде и разлики по поглед на водење на постапката, изведување на доказите, примена на законските прописи, јазичните и граматички аспекти, и други карактеристики. Сепак еднаквоста пред законот и правната сигурност се застапени во голем дел од анализираните одлуки.
Препораки
-
- Поголема посветеност и внимание при изработка на одлуките
- Да се работи на усогласување на судската практика.
- Врховниот суд да носи начелни правни ставови, начелни правни мислења, правни мислења и заклучоци и одлуки или заклучоци на средби на апелационите судови за одредени прашања во прекршочната постапка со цел да се воспостави единствена практика и унапреди прекршочната постапка.
- Потребен поголем мониторинг на одлуките на судовите од страна на надлежните тела, како и организирање на средби за размена на искуства и практики.
- Правење на годишни споредбени анализи, имајќи ги предвид сите критериуми за квалитет и оценување дадени во Методологијата за анализа на квалитетот и воедначеноста на судските одлуки;
Анализата и погоре споменатата методологијата беа спроведени во рамките на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“ кој го спроведуваат Институт за европска политика и Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит, а кој е финансиски поддржан од Европската Унија.