По невремето: колкав удар претрпеа нашите права и каде оттука?

Авторка: Билјана Котевска

Малото светло кое го гледаме деновиве е ветувачки знак за крајот на оваа пандемија. Ова значи и дека наскоро ќе седиме во рушевините кои КОВИД-19 пандемијата ќе ги остави позади себе и ќе треба да се соочиме со катастрофата која, овој пат, не нè одмина. Потоа ќе слегне и последната прашина и ќе можеме јасно да погледнеме околу себе. Секој во својата околина, сам, со своето семејство и заедница, каде што живееме и работиме. Што ни остана? Каде згрешивме, каде одигравме добро, како може да се спремиме подобро за следната слична катастрофа која, според сите издржани прогнози, нè чека многу скоро?

Ова за многу од нас ќе биде фрустрирачки процес, затоа што силата да направиме нешто не е во нас ниту сега, ниту пак беше додека траеше КОВИД-19 невремето. Фрустрирачки и затоа сме го одиграле секој потег најдобро што сме можеле, а сепак броиме драги луѓе кои нè напуштиле седејќи над куп од рушевини и самите наликувајќи на нив. Ова е, секако, за тие што ќе имаат привилегија да издвојат време и да застанат и да размислуваат. Други можеби нема ни да го почувствуваат крајот на пандемијата бидејќи за нив цело ова време работата продолжила како и обично или затоа што се толку силно потиснати од рушевините да уште не можат ниту да земат здив.

Обврска да го пројде овој процес има и државата. Бидејќи во голем дел од ова невреме кормилото го држеше Владата, некогаш и само Владата, најголемата обврска лежи кај неа. Што треба да се праша Владата? Што треба да се прашаат и другите институции, јавни претпријатија, тела и бројни органи со нивните управни и извршни и други одбори? И што треба сите ние да ги прашаме нив? Што можеме да направиме сега и што можеме да правиме во иднина?

Одговори на овие прашања нуди ФРА – Агенцијата за темелните права на Европската унија во нејзиниот годишен извештај за темелните права кој беше објавен денес. Извештајот е со посебен фокус на влијанието на КОВИД-19 пандемијата врз темелните права. Ние во ЕПИ, заедно со нашите надворешни соработнички, го изработивме извештајот за нашата земја втора година по ред. Овој извештај, заедно со извештаите од земјите членки на ЕУ и Србија, беа основата врз која ФРА исцрта пат по кој можеме и треба да продолжиме во делот од извештајот кој се однесува на пандемијата и темелните права. Што вклучува тој пат?

Дали сме ги ставиле работите на вага?

Човековите права не се луксуз или комодитет кој треба да го тргнеме од буџет или од листата на обврски кога ќе згусти. Човековите права се нужност без која само ја продлабочуваме кризата. Тргањето на човековите права им користи само на оние кои сакаат да го искористат невремето за лична корист, материјална или нематеријална. Затоа ФРА препорачува оценка и балансирање на различните обврски во врска со темелните права при усвојувањето на рестриктивни мерки за време на вонредни услови. Според ФРА, ова може да се направи следејќи ги следните чекори:

Градење отпорност за посигурна иднина

Според епидемиолозите, ситуација слична на оваа пандемија е многу веројатно да се повтори и во многу скора иднина. Затоа ФРА препорачува градење на отпорност на здравствениот систем и системот за социјална заштита. Ова нужно мора да биде направено на начин на кој ќе обезбеди еднаков и правичен пристап до овие клучни услуги во секое време, без разлика на постоење на кризна состојба.

Создавање цврсто тло за иднината на новите генерации

Влијанието на пандемијата врз децата беше разорно. Напорите кои ќе бидат потребни за да се справиме со последиците по нивното здравје, добробит и севкупен потенцијал за развој се огромни. Но, потребно е да се преземат напори и за да се спречи понатамошно продлабочување на кризата во овој аспект. За ова, според ФРА, клучно е да се преземат мерки за обезбедување на непречен пристап до образование за сите деца без разлика на околностите. ФРА особено ја нагласува важноста на градење на дигитална инфраструктура за сите нивоа на образование, од најмалото до највисокото. Притоа, инклузивноста мора да запазена во целост.

Разорната моќ на дискриминацијата и говорот на омраза

Еден од ефектите на оваа пандемија кој интензивно го разоруваше и онака кревкото општествено ткиво е засилената дискриминација и говор на омраза онлајн и офлајн. Дискриминацијата поврзана со КОВИД-19 е само една појавна форма од овој период, заедно со исклучително засилена дискриминација врз основа на возраст и ејџизам. Но, пандемијата ги откри и зајакна и другите форми на говор на омраза и дискриминација, ставајќи ги ранливите и маргинализираните лица и групи во уште поранлива положба. Затоа ФРА препорачува дека е клучно борбата против дискриминацијата и говорот на омраза да бидат клучен дел од мерките. Би додала и дека е клучно овој пристап да е хоризонтален и да е центриран на интегрирањето на интерсекциската перспектива при планирањето, дизајнирањето, усвојувањето, спроведувањето, следењето и оценувањето на мерките. Но и надвор од делувањето во врска со пандемијата – како врвен принцип на човековите права, еднаквоста и борбата со дискриминацијата никогаш и во ниедно време – мирно, кризно или воено – не смее да биде оставена на клупата. Едноставно, никакво отстапување од овој принцип не е дозволено.

Посебно внимание за ранливите групи и групите најмногу изложени на ризик

Во вонредни и кризни времиња, тенденцијата за делување „секој за себе“ е голема. Во таков контекст, формално или неформално привилегираните групи се првите кои се заштитени и кои ќе ги користат бенефициите од било кои воведени мерки или забрани. Ова, во целосна спротивност со меѓународното право за човековите права, остава трајни и длабоки последици со тоа што ги продлабочува постоечките нееднаквости, оневозможува системска поддршка на ранливите групи и одговор на новите ранливости, но и ги закотвува нивните напори да барем пробаат да си помогнат сами себе. Практично, ги заробува на дното и ги држи таму, правејќи ги први и најбројни жртви на пандемијата во буквална и преносна смисла. Поради ова, ФРА препорачува дека секој план со мерки во здравството и социјалата врзан за пандемијата или за излез од последиците од пандемијата мора да ги земе предвид потребите на ранливите групи кои се најмногу во ризик од инфекција или сериозно заболување, вклучително и на тој начин што ќе ги приоретизира за вакцинација и ќе им овозможи правичен (и еднаков) пристап до здравствени и социјални услуги.

 

Инфографик: Рефлектор

Инфографик: Рефлектор

Што следно?

Потребна ни е рефлексија – „што направивме и што треба да правиме за иднината“. Најпрво, потребно е целосно и детално согледување на опсегот на ситуацијата со која се соочуваме. Потребно е спроведување на длабинска и сеопфатна интердисциплинарна анализа за влијанието на пандемијата врз човековите права во земјава. Ова подразбира вклучување на сите т.н. генерации на права, и граѓански и политички и економски, социјални и културни, како и на новите генерации на права. Оваа анализа треба да даде податоци за пропустите и недостатоците во системот и во практиката за заштита и почитување на човековите права за време на кризни и вонредни состојби и предлози за измени и новини во законите и политиките. Истата треба да ги вклучи чекорите кои се предлагаат во извештајот на ФРА. Исто така клучно е вклучување и на дополнителните чекори кои се предложени овде, што значи дизајнирање и поставување на систем во кој ќе биде центрирано интегрирањето на интерсекциската перспектива при планирањето, дизајнирањето, усвојувањето, спроведувањето, следењето и оценувањето на мерките кои ќе се преземаат во вакви ситуации.

Нужно е изработката на оваа анализа и процесите за предлагање на измени и новини во законите и политиките кои ќе произлезат од истата да бидат дел од широк консултативен процес и да ги вклучат сознанијата не само со вообичано-консултираните засегнати страни – институциите и  граѓанскиот сектор, туку и на крајните иматели на права – сите жителки и жители на земјава. Сознанијата кои ќе произлезат од систематска и сеопфатна анализа на нивните искуства од овој период мора да биде главниот насочувач при формулирањето на предлозите за измени и новини во законите и политиките, а предлозите мора да бидат донесени преку ефективно учество на сите засегнати страни во јавен процес. Ова значи обезбедување на ефективно и целосно учество и на групите кои се покажа дека се најранливи во овој период, а во нашата земја тоа беа Ромите и особено Ромките, ЛГБТ*ИК лицата, лицата со попреченост и оние кои живеат со хронични и ретки болести и нивните негуватели/ки, жените кои се трудни, дојат или се самохрани мајки, повозрасните лица, лицата кои живеат на улица и децата. Оние работнички/ци кои кои беа особено погодени исто така треба да бидат посебно консултирани, а тука особено спаѓаат работничките/ците во текстилните фабрики и оние кои работат во други слични погони, хонорарните работници/чки (вклучително и новинарките/ите) и независните културни работници/чки. Ова ќе биде голем и комплициран, но и неопходен зафат, кој треба да се направи итно, неодложно и без изговори затоа што следната слична катастрофа нè чека буквално позади аголот.

 

Фото: flickr/Kristoffer Trolle

Comments are closed.