ЗДРУЖУВАЊЕ, ЗБУНЕТОСТ ИЛИ ЗЛОУПОТРЕБА – Улогата на синдикатите во заштитата на работниците
Овој труд ја анализира улогата на синдикатите во работните односи низ призмата на нивниот правен субјективитет. Целта е преку претставување на две различни стојалишта во однос на правниот статус, да се покаже на кој начин наодите од спроведеното истражување ја наметнуваат тенденцијата да се оспори постојното статус-кво. Имајќи ја предвид асиметричната моќ помеѓу синдикатите на повисоко ниво и „пониските“ синдикати во дискурсот за нивниот правен субјективитет, трудот покажува дека кога сите синдикати уживаат својство на правно лице се зајакнува суштинското синдикално организирање, наспроти чисто формалното. Авторите аргументираат дека стекнувањето својство на правно лице со моментот на упис во соодветниот регистар, за синдикатите претставува прв чекор на долгиот пат за зајакнување на сојузништвото, солидарноста и борбата кон остварување на заедничките интереси и цели. Поаѓајќи од одговорите за основната функција на синдикатот и за правниот статус на сите синдикати, трудот придонесува во креирањето на јавни политики за зајакнување на улогата на синдикатите при заштитата на работничките права.