Резиме со резултатите од Дебатната анкета за улогата и моделите на вклучување на Собранието во ЕУ интеграцијата

Резултатите од Националната дебата за улогата и моделите на вклучување на Собранието во ЕУ интеграциите покажуваат дека со поголемата информираност и собрани знаења за процесот тие станаа покритични.

Граѓаните, по дебатата, излегоа со став дека клучните одлуки за ЕУ ги носи Владата, без реален инпут од Собранието, но и со помала доверба во диалогот за прашањата за ЕУ помеѓу власта и опзицијата.

Истовремено, нивното фактичко знаење за процесот порасна, што е највидливо од стапката на информираност за работата на Националниот совет за евроинтеграции, тело за кое само половина од вкупниот број на испитаници имаше слушнато пред дебатата.

Овие резултати произлегуваат од петтата Национална дебатна анкета во земјава која ЕПИ ја спроведе во соработка со Deliberative Democracy Lab од Универзитетот Стенфорд од САД, на која тема беше улогата и моделите на вклучување на Собранието во ЕУ интеграциите.

Дебатниот настан се одржа на 25 и 26 април со 136 учесници, а пред тоа беше спроведена основна анкета на 1200 испитаници од целата држава.