Независноста на судството како предуслов за доверба во правдата
Независноста, квалитетот и ефикасноста се суштински параметри на ефективниот правосуден систем. Добро функционалните и целосно независните правосудни системи се клучни за да се осигури дека правдата работи во корист на граѓаните и бизнисите. Ефективните судски системи се суштински за заемна доверба и за подобрување на инвестициската клима и обезбедување на одржливоста на долгорочниот економски раст, нешто на што постојано забораваме. Па, токму поради нивното влијание врз економијата и инвестициите ефикасноста, квалитетот и независноста на правосудните системи се еден и од приоритетите на Европскиот семестар – годишниот циклус на координација на економската политика на ЕУ.
Препораките што Европската комисија (ЕК) ги дава во последниот извештај за Владеење на правото со цел унапредување на состојбите во некои земји-членки на ЕУ, како и податоците за перцепциите од табелата на ЕУ за правда за 2022 година треба да биде добар патоказ и за нас во која насока се движиме, имајќи предвид дека ефективниот, квалитетниот и независниот правосуден систем е предуслов за имплементирање на правото на ЕУ, обезбедување на владеењето на правото и почитување на основните вредности на кои се темели Европската Унија.
Во овој документ фокусот е ставен на независноста на судските системи како европски стандард и перцепциите за независност. Најнапред е даден преглед на податоците од табелата на ЕУ за правда за 2022 година, во однос на перцепциите за независност на судските системи во земјите-членки на ЕУ, понатаму е даден приказ на перцепциите за независноста на судските системи од Балканскиот барометар за 2022 година за земјите од Западен Балкан и на крајот е даден заклучок што би требало понатаму да направи нашата држава во делот на одржување и унапредување на независноста на судскиот систем.