Анализа на квалитет и воедначеност на судските одлуки во граѓанско-правната област

Анализата на квалитет и воедначеност на судските одлуки во граѓанско-правната област изработена од страна на Душко Георгиевски, опфаќа 88 анонимизирани одлуки од четирите апелациски подрачја донесени во периодот од 2017 до 2020 година (со исклучок на една, која е донесена на почетокот на 2021 година). Секоја од одлуките се анализираше одделно, врз основа на критериумите утврдени во посебно изработената Методологија за анализа на квалитетот и воедначеноста на судските одлуки.

Дел од одлуките беа анализирани само од аспект на нивниот квалитет, дел од одлуките беа анализирани само од аспект на нивната воедначеност со домашната судската пракса, како и праксата на ЕСЧП, додека, дел од одлуките беа подложени на анализа според двата критериума.

Главна цел на анализата е од една страна, преку квантитативни показатели да се изврши квалитативна оцена на одлуките донесени во дадениот период на ниво на сите четири апелациски подрачја и на национално ниво преку ваквата анализа да се утврди дали според овој критериум има некакви слабости што се карактеристични за определено апелациско подрачје. Додека, пак од друга страна, во делот на воедначеноста на судските одлуки,  да се утврди дали се внимава на балансот меѓу еднаквоста на луѓето пред законот и правната сигурност и немањето ригидност, развој и судска независност.

Главни наоди

 

  • Од квантитативната анализа и добивањето на резултатите за Индекс на квалитет – ИК, може да се изведе еден генерален заклучок, дека според овој критериум, релативно е голем индексот на квалитет – ИК. Тоа укажува на фактот, дека во оваа смисла веќе поголем дел од донесените одлуки, односно судскиот кадар има солиден квалитет. Со тоа, се потврдува дека повеќе од критериумите правилно се апсолвирани при донесување на судска одлука.
  • Делот на анализата на воедначеноста на судските одлуки, покажа дека многу повеќе би се постигнало во подигнување на квалитетот на правораздавањето и довербата која треба да ја заслужи судот при донесувањето на својата одлука, доколку се посвети соодветно внимание при донесување на одлука,  според критериумите за квалитет и се надополни образложението со соодветна домашна или европска судска пракса.

 

Препораки

  • Според извршената анализа, се препорачува во иднина да се зголеми активноста на одделите за судска практика;
  • Потребна е нивна поголема соработка на ниво на суд со сите судечки судии;
  • Да се воспостави поголема соработка на овие оддели на ниво на апелација, помеѓу себе, како и задолжителна соработка на ваквите оддели помеѓу секој апелационен суд;
  • За определени правни прашања, за кои има забележителни разлики, треба да се прават усогласувања и меѓусебна координација;
  • Потребна е континуирана обука на судиите за да се придонесе за поголема воедначеност;
  • Потребно е правилно спроведување на фазата на претходно испитување на тужбата во смисла на начелните правни мислења на ВСРСМ;
  • Судовите треба да ја надминат состојбата на разногласие во поглед на задолжителните елементи кои треба да ги содржи тужбата;
  • Треба да продолжи трендот на воочување на правните проблеми што ги имаат судовите и областите во кои се јавува различен пристап на судовите во поглед на определени правни прашања;
  • Преку заеднички средби на Врховниот суд на РСМ со апелационите судови да се заземаат заеднички ставови по одредени правни прашања заради поголема воедначеност при донесувањето на одлуките;
  • Овој тренд треба да го следи и секој апелационен суд на своето апелациско подрачје, односно на основните судови да ги пренесува заземените заклучоци и ставови и да се грижи за нивна имплементација при секојдневното донесување одлуки од нивна страна;
  • Заради следење на насоките и ставовите што ги заземаат апелационите судови на своите средби, заклучоците од овие средби треба да бидат потранспарентни, со што ќе се поедностави примената на судската практика.

Comments are closed.