Авторка: Ленче Ристоска, обвинителка за врски во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст)
Првата асоцијација за корупцијата ретко кога е поврзана со уживањето и заштитата на човековите права. Корупцијата првенствено се перципира како економски или политички проблем, кој еродира институции, го нагризува јавниот морал и ја поткопува професионалната етика. Но, зад секој случај на корупција стои повреда на нечие право – било да е тоа правото на живот, здравје, правда, еднаквост, приватност или достоинство. Така, корупцијата не е само злоупотреба на јавна функција за приватна корист туку таа е и директна закана за човековите права.
Притоа, за разлика од други форми на криминалитет што имаат конкретна жртва и идентификувано дејство, природата на корупцијата е системска и дифузна: наместо да таргетира индивидуално, таа истовремено нарушува права на неопределен број луѓе, создавајќи широка и тивка неправда. Затоа и прашањето на корупцијата не смееме да го гледаме само како прашање на криминал што треба да се искорени, како статистика во работата на правосудството, туку како прашање на човекови права, кое влијае на сигурноста на граѓаните и на нивната доверба во институциите на системот.
Улогата на јавниот обвинител во борбата против корупцијата низ призмата на заштита на човековите права
Улогата на јавниот обвинител во борбата против корупцијата е двојна.
Примарно, јавните обвинители се најдиректно одговорни за целосно, темелно и ефикасно истражување на сите сомнежи за постоење на коруптивни кривични дела и коруптивни мотиви што довеле до повреда на правата на лицата. Законот за кривична постапка јасно го позиционира обвинителот како раководител на предистражната и истражната постапка, акцентирајќи ја потребата од проактивно дејствување дури и кога органите на прогонот ќе потфрлат во нивната функција на откривање на сторители на кривични дела.
Kај коруптивните кривични дела забележлива е поголема активност на органите на прогонот во гонење припадници на претходната владејачка гарнитура, а не на припадници од актуелната власт. Функционирањето на истражните центри во рамките на обвинителството, во комбинација со раководната улога на јавниот обвинител во кривичните постапки, треба да дејствува како противтежа на пасивноста на органите на прогонот во откривање на актуелни случаи на корупција и во расветлување на потенцијалните коруптивни мотиви на актуелни носители на јавни функции што довеле до повреда на правата на граѓаните.
Согласно практиката на Европскиот суд за човекови права, откако ќе се утврди повреда на некое право, државата има правна обврска да спроведе целосна, ефикасна и независна истрага – т.н. обврска за институционално испитување, во рамките на која ќе се испитаат сите околности што довеле до повреда на одредено право. Иако во практиката на Европскиот суд за човекови права нема конкретен случај каде што е посочено дека истрагата посебно требала да ги истражи коруптивните аспекти што довеле до повреда на правата на лицата, сепак може да се извлече индиректен заклучок дека обврската за институционално испитување на сите околности што довеле до повреда на правата на лицата ќе значи и обврска за темелно истражување и на коруптивните аспекти што влијаеле на остварување на правата на поединците.
Поновата историја не памети граѓански протести на кои го немало слоганот „Корупцијата убива“: од протестите против загадувањето, преку протестите по откривање на злоупотребите на клиниката за онкологија, протестите на настраданите во несреќата во Ласкарци, па сè до протестите по пожарот на модуларната болница во Тетово и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На сите овие протести корупцијата се посочува како главниот виновник за изгубените животи, па прстот е вперен кон правосудството од кое се очекува да ја даде конечната пресуда: дали корупцијата довела до повредата на правото на живот и дали цената на корупцијата ја плаќаме и со човечки жртви?
Вториот аспект што е значаен во борбата против корупцијата е личниот однос на јавниот обвинител кон корупцијата и придонесот што секој јавен обвинител треба да го има во намалување на нивото на прифатливост на корупцијата во општеството. Ваквиот аспект е најдиректно поврзан со остварување на правото на правична постапка и пристапот до правда на граѓаните. Кога во рамките на постапките пресудни се тргувањето со влијание, поткупот или партиската припадност или бизнис-припадноста, а не доказите и законот, се стимулира култура на селективност и неказнивост.
Иако носителите на јавни функции во правосудството, судиите и јавните обвинители, со изборот на својата професија избрале да му служат на јавниот интерес и својот личен интерес да го стават во втор план, сепак во практиката сведоци сме и на спротивни случаи. Голем број на високопрофилни случаи на корупција никогаш не стигнаа до судска разрешница, а судии кои постапуваа во вакви предмети завршија на црната листа на САД и беа разрешени, други судии и јавни обвинители беа осудени за примање поткуп или тргување со влијание, а имаше и разрешување судии и дисциплински постапки за јавни обвинители за злоупотреби што ги сториле при постапување во високопрофилни случаи. Во овие случаи дискутабилно е дали јавниот интерес бил она од кое се раководеле судиите и јавните обвинители при своето постапување, па пристапот што го примениле отвора дилеми за реална гаранција и уживање на правото на правична постапка и пристап до правдата на граѓаните.
Дополнително, доколку се земе предвид дека корупцијата ги фаворизира и ги штити „своите“ – лицата кои се поврзани и дејствуваат врз основа на бизнис или политички врски, моќ или пари, а ги маргинализира другите, јасно е дека корупцијата е директен креатор на дискриминаторски практики. Во нашата држава познат е феноменот на избор на судии и јавни обвинители од политички тефтери и списоци, кои подоцна се очекува да одработат за својот избор и се заштитени од политичките структури преку чии списоци биле избрани или унапредени. Од друга страна, за професионалците кои се борат против корупција резервирани се дискриминаторски практики и последици, од мобинг преку спречување на кариерен напредок, па сè до нивно разрешување.
Овие дискриминаторски практики во случаите на корупција имаат двојна улога: да ги обесхрабрат поединците во борбата против корупцијата и да испратат порака до професионалците и општата јавност дека за системот прифатливи се само оние што ги акомодираат очекувањата на центрите на моќ. Во оваа насока, Европскиот суд за човекови права во својата практика зборува за т.н. ефект на застрашување (chilling effect) на постапките насочени против носители на јавни функции во правосудството кои гласно го изразуваат сопственото мислење, спротивставувајќи се на одредени практики. Според мислењето на Судот, целта на ваквите постапки е да се влијае на другите поединци за да се воздржат од давање на мислење поради страв од слични последици и има директно влијание на независноста на правосудството.
Ја изгубивме ли војната или уште има битки што вреди да се водат?
Живееме во држава во која, од нејзиното осамостојување до денес, речиси да немало декада во која немало масовно незаконско прислушкување на комуникациите на граѓаните, без притоа да има и судски епилог. Сосем прифатливи и нормализирани се и помирувањето на политичките противници преку влијание врз правосудството и примена на практики и решенија што овозможуваат одбегнување одговорност (влијанија врз судии и обвинители, помилувања на осомничени за корупција, носење закони за амнестија, измени на кривичниот законик со цел намалување казни за коруптивни кривични дела итн.) и политичката кохезија за одржување на статус кво кога законите треба да се променат за да се обезбеди одговорност. Сето ова влијае на процентот на неказнивост, а токму неказнивоста стимулира нови прекршувања на законите, нови корупциски однесувања, а со тоа и нови повреди на правата на граѓаните, поткопувајќи ја заштитата на жртвите.
Затоа, како носители на јавни функции во правосудството, ние сериозно треба да застанеме на патот на неказнивоста, да најдеме креативни начини за надминување на предизвиците со кои се соочуваме и да манифестираме решителност во борбата против корупцијата. Затоа што борбата против корупцијата не е само борба за подобро владеење туку тоа е и борба за човековите права, за еднаков и достоинствен живот на сите нас.
Блогот „Корупцијата и човековите права: Скриената цена на неказнивоста“ е развиен со поддршка на регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институт за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Содржината на блогот е единствена одговорност на имплементаторите на проектот и не мора да ги одразува ставовите на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.