
Владеењето на правото останува една од темелните вредности на Европската Унија (ЕУ) и централен репер и за земјите членки на ЕУ и за земјите коишто се на патот кон пристапување. Почитувањето на темелните права, демократското владеење, правната сигурност, недискриминацијата и отчетноста претставуваат не само формален услов согласно договорите на ЕУ, туку и суштински услов за доверба, социјална кохезија и одржлив развој. За земјите кандидатки, усогласеноста со овие стандарди сè повеќе се оценува не само преку приближувањето на законодавството, туку и преку квалитетот на спроведувањето, институционалниот капацитет и способноста за одговор на новите политички предизвици поврзани со дигитализацијата, одржливоста и социјалната инклузија.
Анализите во овој Годишен преглед илустрираат како владеењето на правото сè повеќе се обликува од случувањата надвор од традиционалните политики за правда и внатрешни работи. Тие ја нагласуваат важноста на интеграцијата во ЕУ да не гледа како на чисто техничка активност, туку како на континуиран процес на заштита на темелните права, јакнење на институциите и обезбедување правното усогласување да се претвори во опиплива заштита за граѓаните.