Форум Еуропеум 2025: Владеењето на правото и Планот за раст како двигатели на пристапувањето во ЕУ

На 8 јули 2025 година, Институтот за европска политика (ЕПИ) по петнаесетти пат ја одржа годишната конференција Форум Еуропеум 2025 посветена на Европска интеграција и владеење на правото. Настанот се одржа во Скопје и собра широк спектар на учесници, вклучувајќи креатори на политики, претставници на дипломатски мисии, правни експерти, академска заедница и граѓански организации. Целта на конференцијата беше да се отвори суштинска дебата за процесот на европска интеграција на Северна Македонија и регионот, со особен фокус на политичките, институционалните и правните аспекти поврзани со владеењето на правото.

Во две тематски панел-дискусии, учесниците разговараа за новиот политички контекст за проширување на Европската Унија и како земјите од Западен Балкан, особено Северна Македонија, можат проактивно да ги искористат новите можности. Учесниците разменија мислења за актуелните политички и институционални предизвици во процесот на проширување, за новите иницијативи на ЕУ како Планот за раст за Западен Балкан, но и за тоа како Северна Македонија може подобро да ги искористи инструментите за владеење на правото за да напредува во преговорите. Се анализираше спроведувањето на реформите, почитувањето на основните права, но и предизвиците поврзани со институционалната отпорност и довербата во правосудниот систем.

Конференцијата се организираше во рамки на проектот „Градиме мостови за заедничка иднина: Владеење на правото во насока на пристапувањето во ЕУ“, кој го спроведува ЕПИ со поддршка од Европската Унија. Проектот има за цел да придонесе кон одржување на отворен и информиран дијалог помеѓу ЕУ и земјите кандидатки, преку унапредување на разбирањето и примената на инструментите за владеење на правото во контекст на проширувањето.