Инклузивно основно образование во Северна Македонија

Авторка: Андреа Милошевска, волонтерка во ЕПИ

Веќе неколку години македонскиот образовен систем се обидува да применува инклузивни модели и практики во основното образование. Покрај донесувањето на многубројни меѓународни конвенции и променувањето закони, учениците со попреченост сѐ уште се соочуваат со системски проблеми. Зошто?

Правото на образование е фундаментално човеково право, ратификувано во неколку меѓународни правно-обврзувачки документи. Почнувајќи со Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права како главен инструмент на Обединетите нации, член 13 гласи дека основното образование треба да биде достапно и бесплатно за сите. За гарантирање на правото на инклузивно образование, во 2006 година беше донесена Конвенција за правата на лицата со попреченост. Како договор при ОН, таа бара од сите земји-членки да ги промовираат и да ги заштитат правата на лицата со попреченост. Со член 24 е гарантирано правото на образование за сите ученици со попреченост, а тоа е образование без дискриминација, со соодветни ресурси и индивидуализирана поддршка.

Затоа што Конвенцијата претставува столб за планирање на идни стратегии за унапредување на правата на лицата со попреченост, во 2023 година Министерството за социјална политика, демографија и млади ја донесе Националната стратегија за правата на лицата со попреченост. Согледувајќи ги пропустите во нашето општество, целта е „унапредување, заштита и комплетно уживање на сите човекови права и слободи на лицата со попреченост“. Петтата приоритетна област од овој стратешки документ е планот за инклузивно и квалитетно образование за сите деца.

Со моделот на инклузивно образование од Конвенцијата и Националната стратегија, што вклучува пристап до ресурси како образовни асистенти и целосно спречување од дискриминација, се гарантира зголемена вклученост во образовниот систем, со што следува зголемена вклученост во општеството, како и поголеми можности за вработување за овие лица. Кои се проблемите?

Чекори преземени пред Националната стратегија

Два месеца пред донесувањето на Националната стратегија беше воведен Законот за системот за процена на лицата со попреченост, чија цел беше да се надгради процесот на процена на попреченоста со цел остварување на правата и услугите на лицата со попреченост, кои им се загарантирани. Деветтото начело од член 4 од Законот, кое ветува дигитализација на постапката за утврдување попреченост, сѐ уште не е почнато.

Училиштата се тие што прибираат податоци за бројот на ученици со попреченост и на кој начин се планира соодветната асистенција за секое дете. Меѓутоа, потребен е регистар што ќе ги води процените и податоците на национално ниво, со цел полесно да се спроведуваат политиките во состав на Конвенцијата и Стратегијата. Законот беше воведен во 2023 година, но жалбите од родителите на ученици со попреченост од последната учебна година докажуваат дека не постои таков регистар.

Ова претставува проблем за инклузивното образование. Доколку немаме прецизна бројка на ученици со попреченост, тогаш не можеме да го утврдиме потребниот број ресурси за да биде максимиран академскиот развој. Затоа што точната бројка деца и ученици со попреченост е непозната, не знаеме квалитативно колку е инклузивно македонското образование.

Образовни асистенти

Еден од главните проблеми со инклузивноста на нашето образование е недостатокот на образовни асистенти. Со измената на Законот за основно образование во 2019 година, посебните основни училишта, како „Златан Сремец“ и „Иднина“, се трансформираа во училишта со ресурсни центри, со цел учениците со попреченост да бидат вклучени во редовната настава. Затоа, член 16 предвидува сите основни училишта да формираат училишни инклузивни тимови, кои би се грижеле за инклузивните политики и практики. Воедно, член 19 од Законот се сосредоточува на поддршката за учениците со попреченост што треба да биде обезбедена од училиштето, што вклучува образовни и лични асистенти. Согласно на тоа, во Акцискиот план на Националната стратегија се планирани 48 милиони денари годишно за доекипирање и унапредување на образовните асистенти.

Покрај ветените ресурси и асистенти во Стратегијата и Законот, родителите на децата со попреченост се среќаваат со проблеми во системот уште од 2021 година. Според Правилникот за побарување на лични и образовни асистенти (член 4), процената за бројот на асистенти била предвидена да се врши од март до јуни 2021 година. Не само што процената била одложена до август туку и во септември децата со атипичен развој ја почнале учебната година без асистенти, покрај новоформираните ресурсни центри што треба да нудат искуство и специјални обуки за основните училишта. Од МОН велат дека ангажманот на образовни асистенти зависи од искажаните потреби на учениците, додека во Правилникот е образложено дека основните училишта се тие што треба да достават барања до училиштата со ресурсен центар. Голем број родители искажаа поплаки за недостатокот на асистенти, покрај тоа што аплицирале уште од февруари и март, што се должи на заглавениот процес.

На сличен начин почна и учебната 2024 година – со недостиг и задоцнување на асистентите. Ова претставува исклучување и ограничување на учениците со попреченост, кои треба да бидат целосно вклучени во наставната програма, што, според член 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, претставува дискриминација. Како резултат на тоа, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) поведе постапка по службена должност против Министерството за образование и наука. По постапката, КСЗД оствари средба со националните сојузи на лицата со попреченост за понатамошни решенија на инклузивното образование, со тоа што тука не запира напорот за да се унапреди квалитетот на инклузивноста во нашите основни училишта.

Дискриминација

Инклузивното образование не е изолирано. Покрај тоа што опфаќа ресурси, како образовни асистенти, пристапни урбани планови на училиштата и околу нив, тоа вклучува и заштита од дискриминација. Во Општиот коментар бр. 4 на Комитетот за правата на лицата со попреченост за правото на инклузивно образование стои дека инклузивноста не може да се оствари без елиминирање на дискриминацијата и овозможување на еднаков третман на сите ученици. Во Концепцијата за инклузивно образование се вели дека инклузијата подразбира и „промена на умствениот состав“ (начинот на размислување) кај мнозинството во заедницата што ги вклучува и вработените и учениците. Но, и покрај законската регулатива, дискриминацијата сѐ уште е пречка за образованието на лицата со попреченост.

Случај на дискриминација што ги погоди јавноста и медиумите беше случајот во ООУ „Башкими“ во Гостивар. Во јануари 2022 година, ученичка не го почнала второто полугодие во своето одделение поради бојкот на родителите од нејзините соученици, само поради тоа што има Даунов синдром. Ученичката прво била ротирана во три одделенија, а по потпишаната петиција, таа била одделена во несоодветна просторија. Од извештаите што КСЗД ги доби од нејзината образовна асистентка, таа констатира дека новата просторија нема добри услови за учење, ученичката немала контакт со другите деца и барала „поддршка за подобрување на условите и прифаќање од страна на учениците и родителите“. Државниот просветен инспекторат на директорот му укажал да постапи согласно законските прописи на Концепцијата за инклузивно образование, што значи создавање на инклузивна средина и приспособување на просторот, условите и материјалите за разни техники на учење. Од КСЗД беше утврдена сегрегација и исклучување, директна подложена дискриминација и поттикнување дискриминација.

Друг случај е од декември 2024 година, каде што во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје бил запишан ученик со специфични тешкотии во учењето. Во доставената претставка, мајката на ученикот изјави дека тој бил подложен на психичко, вербално и физичко насилство со низа навредливи зборови, кои биле потврдени од специјалниот едукатор. Вознемирувањата биле пријавени во училиштето, но родителите не добиле соодветна поддршка. Наставниците и стручната служба во овој случај не обезбедиле квалитетно воспитание и образование, со што КСЗД утврдува индиректна дискриминација кон ученикот.

Што понатаму?

Основното образование во Република Северна Македонија е на пат кон севкупна инклузивност, но за долгорочна и системска промена се потребни повеќе чекори. По крајот на учебната 2024/25 година, министерката за образование изјави дека се „проширува опсегот на стручни лица“ кои ќе можат да аплицираат за образовни асистенти, што значи поголема бројка баратели за следната учебна година. Меѓутоа, по првите одлуки од отворените позиции за тоа работно место, одреден број специјални едукатори биле одбиени без образложение, па сега тие се жалат дека процесот на вработување е партизиран. Одговорите од Министерството за образование и наука за овој проблем се само „одговори на изјавите на опозицијата“, наместо на родителите и асистентите, кои ќе имаат долготрајни последици.

За да можат ефикасно да бидат применети оваа и другите реформи и промени, потребно е вклучените институции да ги ажурираат преземените чекори од Стратегијата и Акцискиот план со цел транспарентно да се следи нивниот прогрес. За крај, националната стратегија е добар пример и водилка за целосно унапредување на македонското општество, вклучувајќи го и образованието. Со цел да се постигнат сите приоритетни области во документот, потребно е најпрвин да се подобри јавната свест за да се заштитат правата на лицата и учениците со попреченост од каква било дискриминација и да се зајакне одговорноста од институциите и образовниот систем.

Фото: freepik